Фото: Игор Бансколиев

Овие претквалификации ќе ни бидат мерило до каде сме, бидејќи главна цел ни е пласман на Европското првенство во 2025 година. Сега ќе можеме да спарингуваме со вистински противници, кои ќе ни бидат конкуренција во квалификациите за континенталниот шампионат, вели селекторот Александар Јончевски на почетокот на подготовките за настап во август, во претквалификациите за пласман на ЛОИ 2024

КОШАРКА

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ги почна подготовките за настап на претквалификацискиот турнир од 12 до 20 август во Талин за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз (Франција).
– Претходен пат Македонија се натпреваруваше на ваков предолимписки турнир во 2012 година, кога бев дел од стручниот штаб на репрезентацијата. Многу тешко натпреварување, со оглед на тоа што само 12 селекции ќе се пласираат на ЛОИ, но добра можност да ги одмериме силите со посилни ривали со кои можеби ќе играме и во квалификациите за Европското првенство. Овие претквалификации ќе ни бидат мерило до каде сме, бидејќи главна цел ни е пласман на Европското првенство во 2025 година. Сега ќе можеме да спарингуваме со вистински противници, кои ќе ни бидат конкуренција во квалификациите за континенталниот шампионат – вели селекторот Александар Јончевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија на својата интернет-страница.
Македонија на турнирот во Талин првиот меч треба да го одигра на 12 август со селекцијата на Израел, потоа е дуелот со Естонија, а на 15 август следува и натпреварот со Чешка. На ист ваков турнир во Гливице (Полска) ќе играат репрезентациите на Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ.

Првите две селекции од тие два турнира ќе играат во полуфиналето во Гливице, а победникот на тој фајналфор-турнир ќе игра во квалификациите, од каде што, пак, четирите најдобри селекции ќе настапат на ЛОИ 2024, покрај другите репрезентации што своето место ќе го обезбедат преку висок пласман на претстојното Светско првенство.
Во Европа истовремено ќе има уште два вакви турнира, во Истанбул (Турција), каде што во првата група се репрезентациите на Турција, Украина, Бугарија и на Исланд, а во втората се селекциите на Холандија, Хрватска, Шведска и на Белгија.
– Имаме тринеделни подготовки. Ќе се подготвуваме во Скопје и закажавме два контролни меча со Полска во Белград, единствени дуели на кои би можеле да видиме до каде сме. Првата недела ќе бидеме некомплетни, бидејќи ќе отсуствуваат играчите што имаат обврски кон своите нови клубови како лекарски прегледи и слично. Но верувам дека од идната недела ќе бидеме комплетни. Имаше откажувања, неделава имавме уште неколку непланирани, но тие играчи што ќе се јават во овој циклус се надевам дека ќе ја искористат шансата – вели Јончевски. Н.М.