та од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, Кинотеката на Македонија премиерно ќе го прикаже дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли. На 26 јули, со почеток во 18 часот и проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ по повод земјотресот во Скопје, како и проекција на „Мементо“, Кинотеката ќе се приклучи кон одбележување на овој значаен ден, кој пред 60 години го промени животот на овој град.
Кинотеката, по повод ова одбележување, ќе прикаже извонреден избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ што се снимени по земјотресот под заеднички наслов „Благодарам пријатели“. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, но тие се и значајни поради тоа што во нив е документирана и меѓународната помош. Дел од овој избор се филмовите: „Благодарам пријатели“ (помош од Велика Британија)“, „Благодарам пријатели (помош од Чехословачка)“, „Благодарам пријатели (помош од Светскиот совет на црквите)“, „Благодарам пријатели (помош од САД)“ и „СР Хрватска за Скопје“.
Во рамките на програмата на 26 јули, а со почеток во 20 часот, е и проекцијата на филмот „Мементо“ на Димитрие Османли, кој наедно е дел од четвртото издание на проектот „Сезона на филмски класици“, организирана од страна на АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки). Филмот во исто време ќе има и онлајн премиерна проекција што ќе се прикажува на официјалната интернет-страница на Кинотеката, како и на социјалните мрежи.
„Мементо“ на Димитрие Османли е снимен во 1967 година и раскажува приказна за Јана, која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното минато и семејната трагедија што ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Од јуни до декември 2023 година, со проекции низ различни европски кина, како и бесплатни „онлајн проекции“, овие филмови ќе бидат прикажани во рамките на овој проект, кој има цел да го промовира заедничкото културно наследство преку т.н. херитиџ-филмови (филмско наследство), со особен акцент кон привлекување на младата публика.
Во програмата „Сезона на филмски класици“, оваа година се вклучени повеќе од 20 институции што се грижат за европското филмско наследство, вклучувајќи ги Југословенската кинотека – Југословенскиот филмски архив од Белград, Националниот филмски институт Унгарија – Филмската архива од Будимпешта, Словенечката кинотека од Љубљана, Чешкиот филмски архив од Прага, Кинотеката на Македонија од Скопје, Бугарскиот национален филмски архив од Софија, Кинотеката на Националниот архив на Естонија од Талин и Државниот архив на Хрватска – Хрватската кинотека од Загреб.