Во петтиот меч од финалната серија, Уникс Казан славеше над Локомотив Кубан (98-85) и со вкупни 4-1 го освои шампионскиот пехар. Димитријевиќ беше маестрален, постигна 34 поени и беше прогласен за МВП во плејофот

КОШАРКА – НЕНАД ДИМИТРИЈЕВИЌ СО УНИКС КАЗАН ТРИУМФИРА ВО ВТБ-ЛИГАТА

Македонскиот репрезентативен бек Ненад Димитријевиќ со екипата на Уникс Казан е нов шампион на кошаркарската ВТБ-лига. Петтиот натпревар се покажа и како последен од финалната серија на плејофот, а помина во знакот на Димитријевиќ (34 поени), кој со Уникс Казан славеше над Локомотив Кубан со 98-89, за конечни 4-1. Освен 34-те поени, во својата индивидуална статистика на ова финале допиша и пет скока, три асистенции, една освоена и три загубени топки. Тоа беше и повеќе од доволно да биде прогласен и за најкорисен играч (МВП) на финалниот плејоф, кој на Уникс му го донесе првиот и историски шампионски трофеј во ова натпреварување. Претходно во четири наврати клубот стигна на само еден чекор до посакуваната цел.
– Им благодарам на сите, тренерите, соиграчите, клубот, за довербата во мене. Ова беше прекрасна сезона за мене и моето семејство во Казан. Без нив немаше да бидам ни МВП, а петтиот меч не можеше а да не го добиеме по ваква атмосфера. Локомотив добро се бореше, но ние за нијанса сме подобри и заслужено сме шампиони – рече Димитријевиќ откако го доби најголемото индивидуално признание во својата досегашна кариера.
Димитријевиќ севкупно гледано, вклучувајќи го и регуларниот дел од сезоната, одигра 47 натпревари, на кои постигнуваше во просек по 12,1 поени, како и по 5,5 асистенции.
Да потсетиме дека сезонава во ВТБ-лигата, покрај Уникс Казан со Димитријевиќ, кој стана шампион, извонреден успех во ова квалитетно клупско натпреварување постигнаа и тренерот Емил Рајковиќ и неговиот помошник Сашо Тодоровски, кои со ЦСКА Москва се носители на бронзата. Г.И.