Димитријевиќ: Наша цел е да играме на турнирот во Полска

На турнирот во Талин, црвено-жолтите ќе играат со Израел, Естонија и со Чешка,
првопласираните две селекции ќе продолжат во Полска на фајналфор-турнир, од каде што победникот ќе настапи в година во квалификациите за ЛОИ 2024

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛОИ 2024

Целта е да запишеме две победи и да одиме во Полска. За тоа и се подготвуваме. Но ќе одиме од натпревар до натпревар. Мислам дека така е најпаметно да гледаме на работите. Потоа ќе се концентрираме на она што следува, вели македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонската селекција се подготвува во Скопје за настап на претквалификацискиот турнир во Талин (Естонија) за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз (Франција). Предвидени се две пријателски средби со Полска, во Белград (Србија), викендов.
– Мило ми е што се вратив во репрезентацијата, екипата и селекторот ми посакаа добредојде и со нетрпение очекувам повторно да го облечам дресот на националниот тим. На секој натпревар ќе одиме на победа и ќе се обидеме да напредуваме. Добро е тоа што во тимот имаме искусни кошаркари и млади талентирани играчи што носат енергија. Кога ќе се спојат тие две работи секогаш придонесуваат за добра атмосфера во репрезентацијата. Треба само да продолжиме да тренираме заедно, да дадеме сѐ од себе и успехот ќе дојде – вели плејмејкерот Ти Џеј Шортс, пренесе МКФ.
На турнирот во Талин, црвено-жолтите прво треба да играат со селекцијата на Израел, на 12 август, следниот ден е мечот со Естонија, а на 15 август на програмата е дуелот со репрезентацијата на Чешка. Првопласираните две селекции ќе продолжат во Полска на фајналфор-турнир, од каде што победникот ќе настапи в година во квалификациите за ЛОИ 2024.
– Ги знаеме нивните квалитети, знаеме дека ќе играме против сериозни репрезентации. Со Естонија игравме во квалификациите за Европското првенство пред две години. Тоа е силна репрезентација, а ние се подготвуваме најдобро што можеме. Да се обидеме да се пласираме во следната рунда од натпреварите – вели Димитријевиќ, пренесе МКФ.
Другите два учесника на фајналфорот ќе се добијат од турнир во Гливице (Полска), на кој ќе настапат репрезентациите на Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ. Н.М.