Македонија вечерва во првото коло на групата Г игра на гости со Португалија, а во таа група се и Србија и Украина. Победниците на осумте групи, заедно со најдобрите четири второпласирани, ќе се пласираат за ЕП 2025

КОШАРКА – ПОЧНУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва во португалскиот град Матошинос (од 21.30 ч.) треба да го одигра првиот натпревар во групата Г со Португалија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Три дена подоцна е и вториот дуел, во Скопје, со Србија. Македонките од вторникот се во Португалија, каде што одработија и неколку тренинзи. Според селекторот Александар Ашаданов, Србија останува прв фаворит во групата Г, во која уште е и селекцијата на Украина.
– Фаворитската улога ја има Србија, која добро знаеме со каков состав располага, како и нејзината константност да опстојува на врвот на европската кошарка во изминатиов период. Реално, ако се суди според моментниот квалитет, нашите шанси за успех треба да ги гледаме на дуелите со Португалија, а подоцна и со Украина. Уште на првиот меч ќе ја бараме првата победа. Признаваме фаворити, но ќе се трудиме да одиграме најдобро што знаеме и да бидеме подобри во овој квалификациски циклус во однос на претходниот – вели Ашаданов.
Репрезентацијата на Португалија, предводена од селекторот Рикардо Васконселос, за дуелот со Македонките повика 14 кошаркарки, од кои девет се интернационалки. Најмногу кошаркарки во овој состав играат во клубови во Шпанија, вкупно пет, две во Германија, а по една во Белгија и во Франција. Преостанатите пет доаѓаат од домашното првенство.
Вториот циклус натпревари од овие квалификации е закажан за ноември в година, а третиот за февруари 2025 година. Победниците на осумте групи, заедно со најдобрите четири второпласирани, ќе се пласираат за ЕП 2025, кое првпат ќе се игра во четири држави, Италија, Германија, Чешка и Грција. Г.И.