СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Стотиот натпревар на првиот ден од годината во Гармиш-Партенкирхен во скијачки скокови, во рамките на 70-то издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, веројатно не можеше да биде повозбудлив. Јапонецот Рјоју Кобајаши победи со само 0,2 поени предност пред Маркус Ајзенбихлер од Германија, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Словенецот Ловро Кос го освои третото место.

Со вториот скок од 143,5 м, Ајзенбихлер направи голем притисок врз Кобајаши, кој беше во водство по првата серија скокови во Гармиш-Партенкирхен, но Кобајаши уште еднаш го имаше вистинскиот одговор и ја однесе победата.
– Турнејата „Четири скокалници“ е далеку од решена, сега имам водство, но има уште две натпреварувања – рече Кобајаши.

Кобајаши, кој победи и на првиот натпревар на Турнејата, во Оберсдорф, води со 593,2 поени, втор е Норвежанецот Мариус Линдвик со 580, на третото место е Кос со 575,5 поени, а Ајзенбихлер сега е четврти во генералниот пласман на новогодишната турнеја, со 21,1 поен помалку од Кобајаши. Вкупниот победник ќе освои 100.000 швајцарски франци.

Новогодишната турнеја „Четири скокалници“ од Германија се сели во Австрија и продолжува утре со натпреварот во Инсбрук, а четвртиот дел е в четврток во Бишофсхофен.