На листата на ФИФА, од 36 судии што ќе ја делат правдата на СП во Катар годинава, има и три жени, Стефани Фрапар од Франција, Салима Мукансанга од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија

ФУДБАЛ – НА СП ВО КАТАР

За првпат во историјата на Светското првенство (СП) за мажи на завршен турнир ќе судат и жени, реши Светската фудбалска федерација (ФИФА), која на листата од 36 судии што ќе ја делат правдата на претстојното СП во Катар годинава (од 21 ноември до 18 декември) избра и три жени, што е важна новина за светскиот фудбал. Тие жени што ги уриваат бариерите се Стефани Фрапар од Франција, Салима Мукансанга од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија. Според „Њујорк тајмс“, Фрапар е „главна“ меѓу трите жени судии. Таа има „ѕвездена репутација“ и веќе има судено повеќе први големи натпревари. Таа беше првата жена што судеше мечеви за мажи во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) и за Светското првенство (СП), а неодамна ја делеше правдата на финалниот меч за Купот на Франција. Во улога на помошник-судии во Катар ќе се најдат уште три жени. Тоа се Карен Дијаз Медина од Мексико, Нојза Бек од Бразил и Кетрин Несбит од САД, која редовно суди натпревари во Првата американска лига. Во интервјуто за интернет-страницата на ФИФА лани во февруари, Несбит кажа дека две недели пред да суди на СП за жени во 2019 година, таа била професорка по хемија и истражувачка на универзитетот „Тосон“ во Мериленд.

– Со ова се заокружува долгиот процес што започна пред неколку години, со распоредувањето жени судии на турнирите за јуниори и за сениори во машка конкуренција. На овој начин јасно нагласуваме дека за нас е важен квалитетот, а не полот – изјави за „Њујорк тајмс“ Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА.

Колина, исто така, рече дека се надева оти во иднина жените судии на машки фудбалски натпревари ќе бидат „нормална“ работа наместо „сензационална“. Бидејќи судиите треба да трчаат исто колку и играчите за да бидат во тек со играта, сите ќе мора да минат ригорозна тренинг-програма пред СП. Масимо Бусака, директорот за судење на ФИФА, изјави за „Тајмс“ дека секој судија ќе добие индивидуализирана програма за тренинг што треба да ја исполни до почетокот на натпреварите во ноември.

– Секој судија ќе биде внимателно следен во следните неколку месеци, а конечната процена за техничките, физичките и медицинските аспекти ќе биде направена непосредно пред СП – истакна Бусака.