Вкупно 24 од 32 репрезентации на годинашното Светско првенство се надвор од теренот, но за преостанатите осум селекции турнирот можеби само што почнува, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Во минатото, евентуални победници на фудбалските светски првенства (СП) имаа проблеми во групната фаза. Има еден познат добитник на златна копачка што не заигра ниту една минута до четврт-финалето. Велат дека турнирот почнува сега. Историјата покажува дека е вистина, пишува „Скај спорт“.
Никој не го освои Светско првенство како Диего Марадона во 1986 година. Неговиот храбар и брилијантен настап против Уругвај во осминафиналето се памети во Аргентина, а неговиот единствен гол пред тоа во четврт-финале беше во ремито со Италија. Но во раните фази на СП 1986, фокусот не беше на тимот на селекторот на Аргентина, Карлос Билардо. Бразил беше тој што постигна девет гола без да прими погодок во првите четири натпревари. Билардо беше критикуван. Двата гола на Марадона против Англија го трансформираа неговиот живот, во полуфиналето со Белгија имаше уште два, во веројатно уште подобар настап, а асистенцијата за победоносниот гол на Хорхе Буручага во финалето против Западна Германија ја комплетира приказната, пишува „Скај спорт“.
Перцепциите може да се сменат доцна на турнирите. Зинедин Зидан беше херојот со два гола на финалето на Светското првенство во 1998 година. Пред четврт-финалето, Зидан почна на помалку натпревари од Бернард Диомед. На натпреварот со Саудиска Арабија доби црвен картон, а потоа суспензија на два меча.

– Уште не сум постигнал гол, но имам уште еден натпревар за да го направам тоа – изјави Зидан по полуфиналето и го направи токму тоа, пишува „Скај спорт“.
Во 1982 година, Италија ремизира на првите три натпревари и, сепак, ја освои титулата. Кога Италија во осминафиналето победи со гол од пенал против Австралија во 2006 година, малкумина мислеа дека тоа ќе се повтори. Бранителот на титулата Бразил беше фаворит. Домашната предност ја фаворизираше Германија. Аргентина го играше најдобриот фудбал. Но тимот ја крена формата, повеќето стрелци на Италија во групната фаза не го ни почнаа финалето, пишува „Скај спорт“.
Слични сомнежи имаше и за Шпанија во 2010 година кога загуби од Швајцарија во нејзиниот прв натпревар. „Шпанија играше неубедливо“, рече Луис Арагонес, поранешниот селектор што го водеше тимот до победата на Европското првенство во 2008 година. Претпазливоста на селекторот Висенте дел Боске беше критикувана. На крајот тоа не беше важно. Шпанија го заврши турнирот со само осум постигнати гола и со трофејот на Светското првенство. Аргентина постигна повеќе од тоа до полувремето на мечот од осминафиналето, но се врати дома долго пред Шпанија да ја победи Холандија во финалето, пишува „Скај спорт“.
На Германија во 2014 година ѝ требаа продолженија за да го победи Алжир. „Важно е само дека сме во четврт-финалето“, изјави Пер Мертесакер. „Вакви мечеви ќе имате на турнир. Важни се победите“, рече селекторот Јоаким Лев. Победија на сите мечеви потоа.

Во 2018 година, Франција имаше победи со еден гол на мечевите со Австралија и со Перу, ремизира со Данска и губеше од Аргентина во осминафиналето пред брилијантниот удар на Бенжамин Павар. Тие ја имаа најлошата гол-разлика од кој било четвртфиналист, но подоцна беа оценети како заслужени победници.
Што се однесува до поединците, Килијан Мбапе и Антоан Гризман постигнаа голови во финалето, но не можеа да му ја одземат златната копачка на Хари Кејн. Сите шест гола на капитенот на Англија на тој Мундијал дојдоа пред четвртфиналната фаза, но не е секогаш така. Паоло Роси не успеа да постигне гол до де факто четврт-финалето на Италија против Бразил во 1982 година. Потоа постигна шест. Најдобриот индивидуален пример, се разбира, го дава единствениот човек што постигнал хет-трик (три гола) во најголемиот натпревар од сите нив, финалето. До четврт-финалето на Англија на СП 1966, Сер Џеф Херст не шутна ниту една топка на турнирот, а камоли да постигне гол. Но…
На СП 2022 се одиграни 56 од 64-те натпревари. Фудбалерите и моментите што ќе го дефинираат овој Мундијал допрва доаѓаат, пишува „Скај спорт“.