Фото: ЕПА

ФИФА веќе основа 28 академии за таленти на глобално ниво со посветени тренери, за да се обезбедат опкружувања со најдобри практики за тренирање млади фудбалери. „Еден од најважните аспекти на тренерот е да се дозволи да се развива креативноста на играчите“, рече Венгер, кој на состанокот на ЕЦА зборуваше и за Програмата за развој на таленти на ФИФА, која сега функционира во над 200 земји членки на ФИФА од вкупно 211

ФУДБАЛ

Шефот за глобален фудбалски развој на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Арсен Венгер, изјави дека клупското Светско првенство (СП) годинава ќе помогне да се зајакнат клубовите низ светот и на оние надвор од Европа ќе им даде поголема улога во развојот и едукацијата на играчите, пренесе ФИФА. На СП 2025 во САД ќе има 32 од најдобрите тимови на планетата, на најинклузивниот глобален клупски турнир што некогаш бил одигран. ФИФА издвои награден фонд од една милијарда долари што ќе им биде распределен на учесниците, а клубовите низ светот, исто така, ќе имаат корист преку исплатата со системот за солидарност.
– Сакаме да имаме силни клубови насекаде во светот. Да не заборавиме дека клубовите се одговорни за развојот на играчите. Денес, секој фудбалски талент сака да дојде во Европа. Зошто? Затоа што во сопствената земја нема шанси да се игра на добро ниво. Така, би помислиле дека, ако можеме да создадеме силни единици насекаде во светот, тие ќе преземат одговорност за развој на повеќе добри играчи и развој на фудбалот внатре во нивната земја. Светското клупско првенство, кое го вклучува целиот свет, е добра работа според мене – изјави Венгер на настанот на Европската клупска асоцијација (EЦА) одржан во Мадрид (Шпанија), пренесе ФИФА.

РАЗВОЈ НА ТАЛЕНТИ

Венгер, исто така, зборуваше за Програмата за развој на таленти на ФИФА, која сега функционира во над 200 земји членки на ФИФА од вкупно 211 и има цел да му даде можност на секој талентиран играч да биде забележан, да има правилно тренирање и пат до кариера во фудбалот. Тој рече дека, откако ја презеде улогата во ФИФА во ноември 2019 година, сфатил дека во поголемиот дел од светот повеќето деца немаат можност да играат фудбал, пишува ФИФА.
– Исто така, сфативме дека 20-те најдобро рангирани земји на листата на ФИФА се 20-те земји со најдобро ниво на образовни вредности. Тоа значи дека идентификација на таленти, тренерски програми, квалитетни тренери, квалитетни натпревари не постоеле во 70 отсто од светот. Значи, создадовме програма што се нарекува „Дајте му шанса на секој талент во светот“, на секоја девојка, на секое момче – рече тој.

„Слободата на играчите е намалена“

Светската фудбалска федерација веќе основа 28 академии за таленти на глобално ниво со посветени тренери, за да се обезбедат опкружувања со најдобри практики за тренирање млади фудбалери. Еден од најважните аспекти на тренерот, рече Венгер, е да се дозволи да се развива креативноста на играчите.
– Би рекол дека во претходните 20 години слободата на играчите е намалена. Важноста на структурата е многу нагласена. Мислам дека понекогаш фудбалерите играат повеќе за да одговорат на она што им е кажано да прават наместо да се изразат себеси и својата слобода. И премногу норми ја убиваат креативноста. Затоа, секако, да се едуцираат тренерите е многу важно затоа што сите сакаме да гледаме работи што не очекуваме да ги видиме. Сите ја сакаме играта затоа што ни се допаѓа елементот на изненадување, кога фудбалерот прави нешто што е неочекувано. Мораме повторно да создадеме непредвидливост и фудбалери што имаат своја личност. Да ја развијат својата личност на млада возраст и да ја развијат својата креативност. Ова е важен елемент за кој треба да се грижиме – рече Венгер, пренесе ФИФА. Н.М.