Фото: ЕПА

Репрезентациите од четирите барабани (во секој барабан има поранешен европски првак) ќе бидат распределени во шест групи, двете првопласирани од секоја група ќе продолжат во осминафиналето заедно со четири најдобри селекции меѓу третопласираните. Германија ќе игра на воведниот натпревар на ЕП 2024, во Минхен, на 14 јуни. Финалето е на 14 јули, во Берлин

Составот на групите за фудбалското Европско првенство (ЕП) в година во Германија ќе биде одреден вечерва (од 18 часот) во Хамбург, а тоа што пред извлекувањето на ждрепката се знае е дека домаќинот, трикратниот европски првак Германија, е носител во првиот барабан, автоматски ќе биде во групата А и ќе игра на воведниот натпревар на ЕП 2024, во Минхен, на 14 јуни (21 часот) в година. Финалето треба да се игра на 14 јули 2024 година, во Берлин.
Европската фудбалска унија (УЕФА) минатата недела го одреди составот на барабаните. Па, така, во првиот се и некогашните европски шампиони Португалија, Франција и Шпанија, како и поранешни европски вицепрваци Белгија и Англија. Трите репрезентации што ќе победат во плејофот ќе бидат сместени во четвртиот барабан, а сите други селекции, освен Германија, се распределени во барабаните во согласност со нивните резултати во квалификациската групна фаза.

ИСТ ФОРМАТ КАКО НА ПРЕТХОДНОТО ЕП

Форматот на ЕП 2024 ќе биде ист како и за претходниот шампионат, игран во 2021 година. Репрезентациите ќе бидат распределени во шест групи (мечевите во групната фаза ќе се играат од 15, од 18 и од 21 часот), двете првопласирани од секоја група ќе продолжат во осминафиналето заедно со четирите најдобри селекции меѓу третопласираните. Досегашни европски прваци ќе настапат на ЕП 2024 распоредени во секој од четирите барабани. Актуелен шампион е Италија.
Од пласираните репрезентации преку квалификациите, ниту една не е дебитант, според податоците што ги објави УЕФА на својата интернет-страница. Досега не се случило на европските шампионати, кои се играат од 1960 година, да не настапи репрезентација што првпат игра на ЕП (на ЕП 2020 тоа беа Македонија и Финска), а дебитанти може да има ако в година некоја од селекциите што досега не настапила на континенталните шампионати победи во плејофот, а тоа може да бидат Естонија, Израел, БиХ, Грузија, Казахстан и Луксембург.
Во плејофот на лига А ќе играат Велс – Финска и Полска – Естонија, во лига Б ќе се сретнат БиХ – Украина и Израел – Исланд, а во лига Ц двојките се Грузија – Луксембург и Грција – Казахстан. Победниците на полуфиналињата (на 21 март 2024 година) ќе се сретнат во финалињата (26 март), а трите селекции победници од тие мечеви ќе играат на ЕП 2024.

ДЕВЕТ СТАДИОНИ БЕА КОРИСТЕНИ И ЗА СП 2006

Германија ќе биде домаќин на 17-то издание на ЕП. Десетте града избрани да бидат домаќини на натпреварите на ЕП 2024 вклучуваат девет од стадионите што беа користени на Светското првенство во 2006 година, плус арената во Диселдорф.
Фудбалската арена во Минхен ќе организира натпревари на второ ЕП едноподруго. Домашниот терен на Баерн беше еден од 11-те стадиони што беа домаќини на натпреварите на ЕП 2020, во 2021 година.
Мечевите на ЕП 2024 ќе се играат во Берлин (Олимписки стадион, капацитет 70.000), Келн (47.000), Дортмунд (66.000), Диселдорф (47.000), Франкфурт (48.000), Гелзенкирхен (50.000), Хамбург (50.000), Лајпциг (42.000), Минхен (67.000) и во Штутгарт (54.000). Н.М.


И в година истовремено ЕП и Копа Америка

Како и во 2021 година, во јуни и во јули в година фудбалските вљубеници ќе имаат можност истовремено да следат две континентални натпреварувања, Европското првенство во Германија и Копа Америка, шампионатот на Јужна Америка, во САД. Европското првенство треба да почне на 14 јуни, Копа Америка на 20 јуни, а финалињата на двете натпреварувања се предвидени за 14 јули. Ждрепката за Копа Америка треба да биде влечена на 7 декември, во Мајами, а на тоа првенство ќе играат 10-те селекции од Јужна Америка и шест репрезентации од Северна Америка. Новите континентални прваци потоа, во 2025 година, треба да играат во втората т.н. финалисима, ново натпреварување, во чие прво издание, во 2022 година, јужноамериканскиот првак Аргентина го победи европскиот шампион Италија, со 3-0, во мечот одигран во Лондон. Н.М.


ГРАДОВИ ДОМАЌИНИ НА ЕП 2024

Берлин 70.000
Минхен 67.000
Дортмунд 66.000
Штутгарт 54.000
Гелзенкирхен 50.000
Хамбург 50.000
Франкфурт 48.000
Келн 47.000
Диселдорф 47.000
Лајпциг 42.000
во десната колона е капацитетот на стадионите во градовите
Извор: УЕФА


ПРВ

Германија
Португалија
Франција
Шпанија
Белгија
Англија

ВТОР
Унгарија
Турција
Романија
Данска
Албанија
Австрија

ТРЕТ
Холандија
Шкотска
Хрватска
Словенија
Словачка
Чешка

ЧЕТВРТИ
Италија
Србија
Швајцарија
Плејоф лига А
Плејоф лига Б
Плејоф лига Ц


ПЛЕЈОФ

Лига А
1. Велс – Финска
2. Полска – Естонија
Лига Б
1. БиХ – Украина
2. Израел – Исланд
Лига Ц
1. Грузија – Луксембург
2. Грција – Казахстан
полуфиналните мечеви се на 21 март 2024 година, а финалињата се на 26 март, на терените на победниците на првите полуфинални двојки во секоја лига