УЕФА побара од делителите на правдата да ги санкционираат прекумерните реакции на играчите при ситни прекршоци, како и обидите на играчите да извршат притисок врз нив за да им покажат жолт или црвен картон на противниците и кога сакаат да ги измамат со симулирање
Европската фудбалска унија (УЕФА) ги повика судиите да ја одиграат својата улога во зачувувањето на имиџот на фудбалот со сузбивање на трендовите на теренот за кои УЕФА вели дека ѝ штетат на играта.
На неодамнешниот зимски курс на УЕФА за врвни судии, на делителите на правдата им беше наложено да интервенираат и да ги санкционираат прекумерните реакции на играчите при ситни прекршоци, како и обидите на играчите да извршат притисок врз нив за да им покажат жолт или црвен картон на противниците и кога сакаат да ги измамат со симулирање, објави УЕФА на својата интернет-страница. Од судиите е побарано да реагираат поцврсто во случај на мобинг, кога група играчи ги опкружуваат и им вршат притисок. Претседателот на Комитетот за судии на УЕФА, Роберто Розети, изрази загриженост за овие трендови и ги повика играчите да покажат поголема почит кон вредностите на играта.
– Не сакаме да гледаме такви инциденти. Тие ѝ наштетуваат на играта и на нејзиниот имиџ. Таквото однесување не е почит, ниту, пак, покажува дух на фер плеј кога играчите, на пример, се обидуваат да го измамат судија или да извршат притисок. Особено е важно судиите секогаш да постапуваат според она што го гледаат, а не според она што го слушаат – вели Розети.
Курсот, одржан преку интернет поради пандемијата, ѝ даде можност на УЕФА да ги пренесе инструкциите и да ги слушне повратните информации од 81 врвен машки и женски судија, кои се подготвуваа за втората половина од сезоната. Росети ги охрабри судиите да го задржат високото ниво од Европското првенство (ЕП) лани, но и ги потсети да не се задоволуваат со пофалбите.
– ЕП е минато. Мораме да гледаме напред, да ги достигнеме и да ги подобриме поставените стандарди – вели Розети.
Ново ниво на соработката помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ
Европската фудбалска унија (УЕФА) ги споделува судиското искуство и експертиза и надвор од Европа, особено во рамките на добрите односи со Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ). Партнерството вклучува и размена на судии на големите турнири. Аргентинецот Фернандо Рапалини беше член на судискиот тим на Европското првенство лани, а шпанскиот судија Хесус Гил Манзано во исто време судеше на Копа Америка во Бразил. Како дел од тековната програма, Џон Оспина (Колумбија) и Емикар Калдерас (Венецуела) беа дел од зимскиот курс на УЕФА, а Жоао Пинеиро (Португалија) и Марија Соле Фериери Капути (Италија) присуствуваа на курсот на КОНМЕБОЛ во парагвајскиот главен град Асунсион.
ВАР – минимална интервенција за максимална корист
Системот видеопомошник-судија (ВАР) беше клучен елемент на курсот, на кој 25 видеосудии проучуваа и даваа повратни информации за снимките од инцидентите што се случија во првата половина од сезоната. Во меѓувреме, продолжуваат подготовките за воведувањето на ВАР во Лигата на шампионите за жени, од четврт-финалето, па натаму, како и на Европското првенство летово. Претседателот на Комитетот за судии на УЕФА, Роберто Розети, рече дека целта на ВАР останува иста, да им помогне на фудбалот и на судиите во процесот на одлучување, особено во елиминирањето на јасните и очигледни грешки.
– ВАР е важен за нашата игра. Целта не е прекумерно да се користи, целта е минимална интервенција за максимална корист. Знаеме дека секогаш има простор за подобрување и работиме постојано на тоа – вели тој.