Едноставно во спортот мора да се вложува повеќе, а сега со формирањето на Министерството за спорт, кое има свои развојни проекти, дојде времето тој да биде издигнат на највисоко ниво и јас оптимистички гледам на тој план. Тоа мора да го сториме и ќе го сториме, заради нашите деца, нашата иднина, нашата држава, вели Кралевски
ИГОР КРАЛЕВСКИ, ПОРАНЕШЕН МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ И ИНТЕРНАЦИОНАЛЕЦ
Утре почнува Европското првенство (ЕП) во фудбал во Германија и во следните 30 дена љубителите на најгледаниот спорт во светот повторно ќе можат да уживаат во неговите убавини, да уживаат во големите мајстори на фудбалот, а да заборават на политиката и негативностите што го преокупираат светот. За тоа што очекува од ова ЕП, каков фудбал посакува, кои се негови фаворити, но каде се македонскиот фудбал и спорот воопшто во однос на европскиот, поразговаравме со истакнатиот поранешен македонски фудбалер и интернационалец, кој играше на стоперската позиција, Игор Кралевски (45), кој своето искуство потоа им го пренесуваше и на помладите категории деца во академијата на Вардар.
Каков фудбал очекувате да доминира на ЕП во Германија?
– Би бил пресреќен ако на ова ЕП има атрактивен фудбал, а тоа значи напаѓачки со многу голови. Посакувам да гледаме помалку резултати што ќе завршуваат со 0-0, а тоа ќе биде многу поинтересно за публиката и гледачите. Тоа особено го очекувам од поатрактивните репрезентации, додека послабите сигурно повеќе ќе настојуваат да се бранат.
Кои се фаворити, според Вас, кој може да изненади и од кој поединец најмногу очекувате да блесне?
– Не гледам репрезентации што би можеле да изненадат на ова ЕП, а фаворити за мене се Франција, Шпанија, Германија како домаќин, а тука се и Хрватска и Англија. Тоа се селекции што играат тимски и убаво за око и затоа имаат резултати зад себе. Поединечно најмногу очекувам да блесне Французинот Килиан Мбапе, оти неговата форма е во нагорна линија, а од Португалецот Кристијано Роналдо не очекувам многу, оти покрај неговите години, тој играше и во многу послаба лига изминатава сезона.
Кого посакувате да го видите на победничкиот трон?
– Моја желба е европски првак да биде Хрватска. Едноставно, таа е балканска држава, а таму и сум играл фудбал додека бев во Хајдук. Последните години секогаш била во завршниците, па се надевам и годинава ќе биде така.
Каде сме ние во однос на Европа, како во фудбалот така и во спортот воопшто?
– Разликата помеѓу европскиот и македонскиот фудбал во моментов е огромна. Едноставно, почнувајќи од инфраструктура, каде што немаме соодветни терени за прволигашки натпревари, ниту, пак, рефлектори на повеќето прволигашки стадиони. Понатаму, немаме спонзор на лигата, немаме откупување фудбалски ТВ-права итн. Како пример, во една соседна Србија секој прволигаш зема еден милион евра годишно, имаат право на ТВ-права на своите настапи, секој клуб зема по околу 300.000 евра спонзорство од обложувачниците… Токму затоа и не можеме да се споредуваме со Европа. Се обидуваме нешто да направиме на репрезентативен план, но ако немаме квалитетна домашна лига, а тоа значи и натпревари, тогаш не може да имаме напредок. Само ќе се надеваме да ни паднат во некои идни квалификации селекции како Андора, Гибралтар и слични, за да можеме да го земеме оној бонус што ни следува. Така е речиси и во другите спортови.
Каде го гледате излезот од сегашната состојба во спортот?
– Ако спортот, како најголем амбасадор на една држава, не функционира како што треба, не ги покажува потребните резултати, односно не оди во нагорна линија, тогаш ниту од самата држава не можеме да очекуваме нешто повеќе. Но сега со доаѓањето на вистинските луѓе во спортот, сметам дека конечно дојде време да го кренеме спортот, а со него да се крене и самата држава воопшто, односно да биде на она ниво на кое заслужува, а не како досега. Едноставно во спортот мора да се вложува повеќе, а сега со формирањето на Министерството за спорт, кое има свои развојни проекти, дојде времето тој да биде издигнат на највисоко ниво и јас оптимистички гледам на тој план. Тоа мора да го сториме и ќе го сториме, заради нашите деца, нашата иднина, нашата држава. Но, за да успееме во тоа, ќе мора да се направат коренити промени. Тоа значи дека стручните лица мора да си го најдат вистинското место на кое му припаѓаат, квалитетот и искуството мора да се ценат, а не спортски анонимуси или поединци што никогаш не биле во спортот да го водат него. Во секој случај треба позитивно да гледаме на иднината на македонскиот спорт. А таа иднина мора да биде светла. Г.И.