Се надевам дека ќе бидат одлични тест-натпревари за нас, за предизвиците што нѐ очекуваат во септември, вели дефанзивецот Манев

ФУДБАЛ – ПРЕД ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ДУЕЛИ СО ХРВАТСКА И ЧЕШКА

Македонската сениорска фудбалска репрезентација, предводена од селекторот Благоја Милевски, ги продолжува подготовките за контролните натпревари против Хрватска во Риека, в понеделник и против Чешка, на 10 јуни во Храдец Кралове. На последниот тренинг на црвено-жолтите им се приклучија напаѓачите Александар Трајковски и Милан Ристовски, дефанзивецот Ѓоко Зајков и голманот Столе Димитриевски.
Фудбалерот на Хајдук, Александар Трајковски, смета дека на Македонија ѝ претстои одличен натпревар против Хрватска.
– Хрватска е голема репрезентација и одличен тест за нас. Како и во минатото и сега треба да покажеме дека можеме да се носиме со вакви силни репрезентации. Но, исто така, ова ќе биде добра контрола и за Хрватска, која се подготвува за Европско првенство и мислам дека ќе биде добар натпревар. Искрено, и јас и сите во нашата репрезентација веруваме во добар резултат. Ќе се обидеме и ќе го дадеме максимумот за да го постигнеме тоа. Едноставно да покажеме какви се нашите идеи и за натпреварите во септември во Лигата на нациите – вели Трајковски.
Македонската репрезентација вчера требаше да отпатува за Риека, а во пресрет на дуелот со Хрватска, која беше третопласирана на последното Светско првенство (СП), свое видување искажа и дефанзивецот Јован Манев.
– Кога се игра против Хрватска или Чешка, селекции што се подготвуваат за ЕП, мотивацијата е на највисоко ниво. Се надевам дека ќе бидат одлични тест-натпревари за нас, за предизвиците што нѐ очекуваат во септември. Кога се игра за репрезентација не постои штедење, фокусот е присутен постојано. Сите сме тука со една цел – да постигнеме добар резултат – вели Манев. Г.И.