Првите две места за ранг-листата на УЕФА ќе им донесат на две земји по уште едно место во ЛШ за сезоната 2024/2025

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) се заокружи синоќа, со дуелите од шестото коло во групите Е, Ф, Г и Х, а денеска треба да се одиграат шестите кола и во Лига Европа и во Конференциската лига, а за тимовите во сите три натпреварувања во тек е и трката за двете први места според успешност сезонава на секоја земја во европските купови, за ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Првите две места на тие две лиги на таа вкупна табела ќе им донесат по едно дополнително место во Лигата на шампионите за сезоната 2024/2025, сезона во која најсилното клупско фудбалско натпреварување ќе почне да се игра според нов формат, со четири тима повеќе, 36 наместо досегашните 32. Двете други дополнителни места ќе ги освојат екипи што ќе играат во квалификациите (досега од квалификациите се пласираа шест клуба, од следната сезона ќе играат осум).
Во пресрет на нокаут-фазата во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига ќе почне да се добива појасна слика за тоа кои лиги би можеле да ги добијат двете дополнителни места за идната сезона. Според листата објавена на интернет-страницата на УЕФА заклучно по мечевите одиграни во вторникот, на првите четири места се Италија, Германија, Шпанија и Англија, сите со коефициент над 10.
Станува збор за најдобриот просечен коефициент од сите тимови што учествуваат во европските купови за секоја земја, според победите, нерешените мечеви и поразите, како дополнителни поени според пласманите во нокаут-фазата, по што добиените бодови од сите клубови се собираат и тој вкупен резултат се дели со бројот на клубови што ги има една земја во европските купови, пишува ЕСПН.
Англија, Шпанија, Германија и Италија и во идната сезона веројатно ќе имаат по четири места во Лигата на шампионите, како и сезонава, па со нивен висок пласман на ранг-листата на УЕФА за сезонава ќе се разгори и трката за петтото место во домашното првенство, кое може да донесе пласман во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување.
Ако во претходните пет сезони важеше ова правило, Англија и Шпанија ќе освоеја седум од 10-те дополнителни места, Италија, Германија и Холандија по едно, а само во сезоната 2021/2022 една од земјите со помалку од четири екипи во Лигата на шампионите (Холандија) беше на првите две места според коефициентот, пишува ЕСПН. Така, лани тие две места би ги освоиле клубови од Англија и од Италија, во сезоната 2021/2022 од Англија и од Холандија, во 2020/2021 и во 2018/2019 од Англија и од Шпанија, а во сезоната 2019/2020 екипи од Шпанија и од Германија.


Копенхаген и ПСВ од квалификациите до осминафиналето

Копенхаген е единствениот дански клуб што освоил едно од првите две места во групата во Лигата на шампионите (ЛШ), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Првакот на Данска тоа го оствари и во сезоната 2010/2011. Копенхаген сезонава во Лигата на шампионите ја почна во квалификациите, и тоа во второто коло, па пред да стигне во групната фаза одигра три квалификациски кола, забележувајќи по три победи и ремија.
По 12 европски натпревари вкупно досега сезонава, Копенхаген оствари по пет победи и нерешени средби и два пораза и в година ќе игра во осминафиналето на Лигата на шампионите, откако го освои второто место во групата А.
Од годинашните осминафиналисти во Лигата на шампионите, од квалификациите тргна и ПСВ Ајндховен, но од третото коло. Холандскиот тим, кој лани беше вицешампион во првенството на таа земја, а сезонава води со 15 победи по 15 кола, го освои второто место во групата Б и се пласира меѓу 16-те најдобри екипи сезонава во ЛШ. ПСВ Ајндховен на 10-те европски натпревари сезонава има пет победи, четири ремија и еден пораз.
Пред мечевите од шестото коло синоќа во групите Е, Ф, Г и Х, пласман во осминафиналето обезбедија Баерн, Арсенал, Реал Мадрид, Сосиедад и Манчестер сити како првопласирани, Копенхаген, ПСВ Ајндховен, Наполи, Интер и Лајпциг како второпласирани, синоќа се одредуваше местото на табелата на Барселона, Атлетико Мадрид, Лацио и на Борусија Дортмунд, како и на преостанатите два учесника во осминафиналето. Н.М.