Од фудбалерите се очекуваше да бидат способни да играат во одбраната, во средниот ред и во нападот. Играчите немаа фиксна позиција, постојано ги менуваа за да ја нарушат играта на противниците. Иако понекогаш се сметаше дека играчите спонтано се движат каде што сакаат и како што сакаат, во реалноста пристапот беше посистематизиран. Холандија ја почнуваше одбраната од нападот, а нападот од одбраната. Тоа беше нов тактички систем што ги спои маркирањата со зонската одбрана. Просторот е клучната компонента, бидејќи целта, како што во една пригода објасни Кројф, е „теренот да биде што поголем кога напаѓате и што е можно помал кога се браните“
ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (3)
Можеби најпочитуваната тактичка иновација во историјата на фудбалот е системот на „тотален фудбал“ на Ринус Михелс, што тој го користеше во Ајакс, Барселона и во репрезентацијата на Холандија во 70-тите години од минатиот век, системот што ги искористи сите ограничувања во играта човек на човек. Во тимовите на Михелс, во формација 4-3-3, понекогаш 3-4-3, играчите немаа фиксна позиција, постојано ги менуваа за да ја нарушат играта на противниците.
Од фудбалерите се очекуваше да бидат способни да играат во одбраната, во средниот ред и во нападот, создавајќи неверојатен тим во кој секој можеше да игра каде било. Холандија ја почнуваше одбраната од нападот, а нападот од одбраната. Тоа беше нов тактички систем што ги спои маркирањата со зонската одбрана. Таа флуидност се потпираше на играчите од средниот ред, на Вим Јансен, Јохан Нескенс и на Вилем ван Ханегем. Нападот, пак, се состоеше од двајца странични напаѓачи, Џони Реп и Роб Ренсенбринк, и со Јохан Кројф во улога на поповлечена или како што денеска се нарекува „лажна деветка“.
ОФСАЈД, ПРЕСИНГ, ПОЗИЦИИ
Иако понекогаш се сметаше дека играчите спонтано се движат каде што сакаат и како што сакаат, во реалноста пристапот беше посистематизиран. Играчите генерално ги заменуваа позициите во „вертикални“ линии, на пример, дефанзивецот по десната страна што ќе потрча напред е заменет со десен страничен играч од средниот ред. Тоа беше игра со висока офсајд-линија, придружувана со немилосрдниот пресинг и со беспрекорната размена на позиции. Просторот е клучната компонента, бидејќи целта, како што во една пригода подоцна ќе објасни Кројф, е „теренот да биде што поголем кога напаѓате и што е можно помал кога се браните“. Ајакс притискаше со акцент не на прекин на играта, туку на притисок врз противничкиот играч.
Кројф беше најизразит претставник на тој стил на фудбал. Теоретски центарфор, но на поповлечена позиција и кој имаше „дозвола“ слободно да талка по теренот. Неговите соиграчи во суштина ги користеа неговите движења во тој слободен простор. Тоа беше клучот на системот – секогаш да се најде слободен простор.
Но одговор за таквата игра најде селекторот на Западна Германија, Хелмут Шен, во финалето на Светското првенство (СП) во 1974 година во Минхен (2-1). Тој донесе храбра одлука, во одбраната да игра со тројца играчи, а на бекот Берти Фогтс му го довери стрикното маркирање на Кројф. И тоа успеа.
Каде замина „тоталниот фудбал“? Зошто повторно гледаме фиксни тактички шеми, владеење на физичката сила, наместо фудбал што своевремено ги освои срцата на фудбалските гледачи? Одговорот е дека „тоталниот фудбал“ на 21 век ја претпочита позициската дисциплина наместо да го прошири опсегот на позициите на играчите. Играта сега е побрза, брзината е главната вредност на играта, а одбраната од неа станува основна. Нападите по широчина и по длабочина може да се постигнат со помалку допири на топката и со многу поголема директност.
Кога станува збор за иновативните тактики, врз нив последниве години и децении влијае и зголеменото внимание на медиумите, кое им го отежнува животот на тренерите/менаџерите. Михелс своевремено имаше шест сезони за да го создаде Ајакс, а сега менаџерскиот век е пократок од кога било, во просек околу 1,23 сезона во англискиот фудбал во 2015-та. Менаџерите немаат доволно време за долгорочни стратегии поради барањата за итен успех од сопствениците на клубовите и од публиката. Но и покрај таквата клима има назнаки дека „тоталниот фудбал“ уште живее. Постојат тренери, како што е Марсело Биелса, чија опсесија е контролата да се одвива на два начина, на просторот и на топката. Пеп Гвардиола со „тики-таката“ применува позициска игра што е спој на холандскиот вертикален адаптибилен стил од 1970-тите и на западногерманската тактика на „поплавување“ на дискретните зони на теренот што го скрши тој холандски тим во 1974 година.
Во периодот, пак, на доцните 1970-ти и раните 1980-ти т.н. „зона миста“, „играта во италијански стил“, 3-5-2, го достигна својот врв со триумфот на СП 1982. Класичниот и вешт Гаетано Ширеа беше либеро, Фулвио Коловати и Клаудио Џентиле централни бекови, а Антонио Кабрини беше лев бек-крило. Габриеле Оријали играше како централен играч за врска, Марко Тардели како среден играч за врска, а Џанкарло Антоњони како плејмејкер. Л.Д.
(продолжува)