ЕВРОПСКИ СУД НА ПРАВДАТА
Европската фудбалска унија (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) треба да имаат поддршка од Европскиот суд на правдата (ЕСП) за да ја блокираат суперлигата, предложи висок правен советник на Европската Унија (ЕУ), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Генералниот правобранител Атанасиос Рантос предложи судот да признае дека правилата на ФИФА-УЕФА, според кои, суперлигата треба да биде предмет на претходно одобрување, се компатибилни со Законот за натпреварување на Европската Унија, пишува АП.
Иако промоторите имаат право да формираат независно натпреварување надвор од УЕФА и од ФИФА, тие, исто така, не можат да продолжат да играат на настани водени од УЕФА и од ФИФА без нивно одобрување, рече Рантос, пренесе АП.
Мислењата на генералните правобранители не се обврзувачки за Судот со седиште во Луксембург, но се следат во повеќето случаи, пишува АП. Рантос рече дека УЕФА и ФИФА би можеле да го ограничат пристапот на натпреварувачите до европскиот пазар на организирање фудбалски натпревари, но тој инсистира на тоа дека „таков факт, доколку се утврди, очигледно не значи дека тие правила имаат цел да ја ограничат конкуренцијата“, пишува АП. УЕФА го поздрави мислењето, а Европската клупска асоцијација, која ги претставува врвните европски фудбалски клубови, исто така, беше задоволна. Случајот беше сослушан од Судот во јули. Конечната пресуда се очекува в година. Тоа е најочекуваната спортска одлука на Судот од т.н. пресуда на Босман во 1995 година, случај што го промени системот на трансфери во фудбалот, пишува АП.