Ми се допаѓа тоа што сум роден во Мадрид, но на крајот од денот, тоа е само град. Сега се чувствувам како да сум од Манчестер, вели Де Хеа во интервјуто за интернет-страницата на УЕФА, во кое зборува за враќањето кај Атлетико со Манчестер јунајтед, за влегувањето во тимот на Атлетико на 19-годишна возраст, за играњето со нога, за слушањето хевиметал…

ФУДБАЛ – ДАВИД ДЕ ХЕА ПРЕД ДУЕЛОТ СО МАТИЧНИОТ КЛУБ АТЛЕТИКО

Голманот на Манчестер јунајтед и на шпанската фудбалска репрезентација, Давид де Хеа, вели дека е подготвен за двомечот со својата матична екипа, Атлетико, во осминафиналето на Лигата на шампионите, првпат откако го напушти Мадрид и се пресели на „Олд Трафорд“, во 2011 година. Де Хеа беше во Атлетико за време на блескавата кампања во која беа освоени титулата во Лига Европа (ЛЕ) и Суперкупот на УЕФА во 2010 година, под водство на тренерот Кике Санчез Флорес. Во интервјуто за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА) убавите сеќавања го преплавуваат Де Хеа (31), но тој инсистира дека тоа ќе биде само уште еден меч.
За враќањето кај Атлетико со Манчестер јунајтед: Ми се допаѓа тоа што сум роден во Мадрид, но на крајот од денот, тоа е само град. Сега се чувствувам како да сум од Манчестер. Онаму каде што сте сакани и добредојдени тоа е вашиот дом. Тука сум многу години и, очигледно, сѐ може да се случи во животот, во светот на фудбалот, но искрено не се гледам некаде подалеку од Манчестер јунајтед. Секако, се враќам дома за оваа средба, се враќам во клубот што ми даде можност да бидам тоа што сум денес. Но ова е само уште еден натпревар. Сите сакаат да играат добро, ние сакаме да победиме, тоа е натпревар од Лигата на шампионите. Сите влегуваат за да победат, особено јас.

За влегувањето во тимот на Атлетико на 19-годишна возраст: Во тој момент бев трет избор на голман, зад Серхио Асенхо и Роберто. Но секогаш верував во себе, тренирав многу и се обидував да се докажам. За мене беше среќа, но жално за Роберто што се повреди, така добив шанса да докажам дека сум доволно добар. Кога пристигна Кике Санчез Флорес, тимот се смени. Победувавме меч по меч, а имаше момент кога јас и Асенхо бевме на располагање и тој ме избра мене. Бранев на речиси секој дуел. Се пласиравме во финалето на ЛЕ и победивме. Се пласиравме и во финалето на „кралскиот“ куп, но загубивме. Потоа го освоивме и Суперкупот на УЕФА во мечот со Интер.
За играњето со нога: Она што треба да го направи голманот е да ги спречи головите, тоа е најважно. Ако имате талент или квалитет да можете да ги користите нозете и да имате добра визија, тоа е феноменално. Се чувствувам удобно кога ја имам топката во нозете, кога од мене почнува играта, но тоа зависи од тренерот и од стилот на игра. Како голман треба да бидете надвор од голот, да внимавате на какви било потенцијални додавања за да можете да ѝ помогнете на одбраната.

За слушањето хевиметал: Сѐ почна кога бев дете, кога со моите родители летував во Аликанте. Таму имаше некои момчиња, малку постари од мене, и тие слушаа ваква музика, па и јас ја слушав. Сакам хевиметал и рок. Тоа навистина ме мотивира. Сакам од сѐ по малку, сѐ што можете да помислите. Френк Синатра, на пример. Ја сакам и шпанската музика, секако. Искрено, слушам сѐ. Дали сум добар танчар? Па… Не се движам лошо со оглед на тоа колку сум голем. Имам добро чувство за ритам. Не танцувам како Мајкл Џексон, но добар сум, искрено. Јас сум добар танчар, многу солиден.