Фото: Игор Бансколиев

Немаме среќа барем еднаш да се собереме сите заедно и да видиме каква ни е моќта. Сепак, со влезот во квалификациите за СП направивме голем успех. Во ова време треба да им дадеме шанса на повеќе млади играчи и да ги дочекаме подготвени квалификациите за ЕП, на кое ќе треба да целиме да учествуваме, вели селекторот Бајиќ пред дуелот со Грузија, утре, во Тбилиси

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската кошаркарска репрезентација по мини-подготовките со два тренинга, синоќа требаше да отпатува за Тбилиси, каде што утре (16 часот) треба да го одигра првиот дуел со селекцијата на Грузија во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, во Индонезија, Јапонија и во Филипини. Три дена подоцна во Скопје следува реваншот (од 20 часот).
– Не сакам да ги набројувам сите тешкотии што ги имаме. Од првиот ден кога дојдов тука имам желба за работа, но едноставно имаме проблеми од циклус во циклус кога е во прашање составот. Немаме среќа барем еднаш да се собереме сите заедно и да видиме каква ни е моќта. Секако, како тренер нема да барам алиби за резултатите, што и да биде ја преземам одговорноста за сѐ, но жал ми е за момците затоа што еднаш не можеме да сме сите заедно и да градиме еден хомоген тим. Сепак, со влезот во квалификациите за СП направивме голем успех. Во ова време треба да им дадеме шанса на повеќе млади играчи и да ги дочекаме подготвени квалификациите за Европското првенство, на кое ќе треба да целиме да учествуваме – изјави Бајиќ за интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Мноштвото откажувања што се насетуваа изминативе денови се обвистинија пред патот за Тбилиси.

– Добивме уште две нови откажувања, Бобан Стајиќ и Стојан Ѓуроски, а и Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски нема да играат. Останавме со еден плејмејкер, тоа е Кристијан Николов. Ако бевме комплетни можеше да се каже дека ќе дадеме голем отпор или слично, сега ќе излеземе на терен без бело знаме. Ќе се обидеме да извадиме подобар состав и во Грузија да дадеме што е можно поголем отпор. Сигурно е дека против нас имаме голем фаворит, но ако ни се укаже шанса, верувам ќе знаеме да ја искористиме. Без еден сериозен тренинг против Грузија, тешко е за мене како тренер да го извлечам најдоброто од сите. Верувам дека на сите млади кошаркари им значи повикот во репрезентацијата, дека им значат овие тренинзи, а уште ако бидат во составот, тоа за нив сигурно ќе биде уште поголема мотивација. Ако ни се укаже шанса, верувам ќе знаеме да ја искористиме – вели македонскиот селектор.
Во квалификациите за СП 2023, Македонија е во групата Г, во која по две кола Шпанија има четири бода, Грузија и Украина по три, а Македонија два бода. Во втората фаза на квалификациите ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.

– Селекторот на македонската репрезентација Драган Бајиќ нема да патува за Тбилиси и да ја предводи македонската репрезентација на дуелот со Грузија. Тој е позитивен на ковид-19. Тој е добар, нема проблеми со здравјето, но тестот е позитивен, така што и самиот е изненаден од оваа ситуација. Сите други кошаркари имаат негативен ПЦР-тест. Во Тбилиси репрезентацијата ќе ја предводат неговите помошници Адмир Прасовиќ и Александар Јончевски – ни изјави генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски.