Фото: ЕПА

Досега десетмина како капитени биле учесници на ЕП, а потоа и како селектори на своите репрезентации, четворица од нив ја освоиле титулата со капитенската лента, но никој како селектор. Вкупно, трофеите на ЕП ги освоија 16 кормилари (ниту еден двапати) и 15 капитени (само Касилјас двапати)

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (4)

Може да се состави речиси цел тим од некогашни капитени на учесници на фудбалските европски првенства (ЕП) што подоцна се вратиле на големата континентална сцена како селектори, а тоа би бил и квалитетен состав. На неколку недели до почетокот на Европското првенство (ЕП) годинава во Германија, во неколку продолженија ви претставуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите европски шампионати.
Така, досега има десетмина што како капитени биле учесници на ЕП, а потоа биле селектори на своите репрезентации, па голман би бил Дино Ѕоф, во одбраната Хозе Антонио Камачо, Франц Бекенбауер, Мортен Олсен и Франк де Бур, во средниот ред Дидие Дешам и Мишел Платини и во нападот Кевин Киген, Андриј Шевченко и Руди Фелер.
Двете улоги прв ги комплетира Бекенбауер, кој ја предводеше Германија како капитен во 1972 (титула) и 1976 година (второ место), а како селектор на ЕП 1988 (полуфиналист). Потоа, од другите, пакетот капитен-селектор го пополнуваа и Платини (со Франција, капитен на ЕП 1984, кога ја освои титулата, а потоа беше селектор на ЕП 1992), Камачо (Шпанија, капитен во 1988-та, селектор во 2000-та), Ѕоф (Италија, капитен во 1980 година, селектор во 2000-та), Киген (Англија, капитен на ЕП 1980, селектор на ЕП 2000), Олсен (Данска, капитен во 1984 и 1988 година, селектор во 2004-та и во 2012-та), Фелер (Германија, капитен на ЕП 1992, селектор на ЕП 2004), Дешам (Франција, капитен во 1996 и во 2000, кога стана европски првак, селектор во 2016-та, кога беше финалист, и во 2020 година), Де Бур (Холандија, капитен во 2000 и во 2004 година, селектор во 2020-та) и Шевченко (Украина, капитен во 2012-та, селектор во 2020 година).
Дешам и Олсен по двапати настапија на ЕП како капитени и како селектори, а Дешам годинава треба и петти пат да се најде на ЕП со некоја од тие две улоги. Од овие 10 капитени-селектори европски титули како фудбалери со капитенска лента освоија Бекенбауер (на ЕП 1972), Платини (ЕП 1984) и Дешам (ЕП 2000), а како селектор никој (најблиску беа финалистите Ѕоф во 2000 година и Дешам во 2016 година).
Досега титулите на 16-те континентални првенства ги освоија 16 селектори, од вкупно 154 што ги предводеле своите репрезентации на шампионатите, а 15 капитени го кренале трофејот на ЕП, од нив само Икер Касилјас двапати, пишува УЕФА (Касилјас беше капитен на Шпанија, кога таа селекција славеше на ЕП 2008 и на ЕП 2012).
Ниту еден селектор не го освоил европското првенство двапати, а само двајца славеле титули и на ЕП и на светско првенство (СП), и тоа Хелмут Шен (со Германија на ЕП 1972 и на СП 1974) и Висенте дел Боске (со Шпанија на СП 2010 и на ЕП 2012). Шен и Берти Фогтс, пак, се единствените што ја презеле одговорноста во две финалиња на европските првенства, Шен со Западна Германија во 1972 (титула) и 1976 година (второ место), а Фогтс беше финалист со Германија на ЕП 1992, пред да стане единствениот што го освоил ЕП како фудбалер и како селектор, кога ја одведе Германија до титулата во 1996 година, пишува УЕФА.
Роберто Мартинез на ЕП 2024 ќе се приклучи на листата со селектори што на европските првенства предводеле две репрезентации. Тој беше со Белгија на ЕП 2020, а сега е селектор на Португалија. Претходно петмина се појавија на ЕП како селектори на повеќе од една репрезентација, и тоа Гус Хидинк (Холандија во 1996-та, Русија во 2008-та), Дик Адвокат (со Холандија во 2004 година и со Русија во 2012-та), Џовани Трапатони (Италија на ЕП 2004, Република Ирска на ЕП 2012), Ларс Лагербак (Шведска во 2000, 2004 и 2008 година, Исланд во 2016 година) и Фернандо Сантос (Грција во 2012-та, Португалија во 2016 и 2020 година), пишува УЕФА. Н.М.


До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства

Идната недела: Како играле шампионите