Од тимовите на „големата четворка“, загрепчаните беа најзаинтересирани Мојсов да оди во нивната средина, но Управата на Вардар го спречи тој трансфер. Крајот од играчката кариера го дочека во францускиот прволигаш Стад Рен, а потоа продолжи како тренер во Вардар

Сократ Мојсов (2)

Нема сомнение дека Сократ Мојсов беше едно од најголемите имиња на нашиот фудбалски бренд Вардар. Тој во текот на 60-тите години од минатиот век беше страв и трепет за противничките голмани и за него се говореше како за еден од најопасните напаѓачи, чија специјалност беа ударите со глава. Сократ физички беше многу силен, а имаше и еден фантастичен скок што му овозможуваше, особено по нафрлените топки во противничкиот шеснаесетник, да ги натскока сите противнички играчи и да постигне гол. Тој во играта со глава навистина беше неверојатен, дури и голманите кога се вивнуваа во воздух остануваа „покуси“. Тие не успеваа и во една таква супериорна позиција да му ја симнат топката од глава. Сократ мајсторски го изведуваше скокот и секогаш беше повисок од нив. Потоа, откако ќе ја зафатеше топката, веќе се знаеше оти таа ќе заврши во мрежата. Беше навистина возбудливо да се гледа со каква умешност вардаровиот центарфор ги матираше противничките голмани.
– Според мене, Сократ беше еден од најдобрите фудбалери на поранешните југословенски простори во играта со глава. Тој имаше фантастично чувство каде ќе долета нафрлената топка и секогаш до неа стигнуваше пред одбранбените играчи на противникот. А, кога таа ќе дојдеше до него, остануваше само Сократ мајсторски со глава да ја спроведе во мрежата. Тоа го правеше во стил на голем стрелец, надмудрувајќи една цела „армија“ корпулентни противнички играчи. Ми се чини дека во тие години немаше таков играч на поранешните простори на Југославија, кој знаеше на толку елегантен начин да ја заврши работата. Кога топката ќе долеташе до него, веќе сѐ беше јасно, а ние почнувавме да го славиме голот – вели неговиот клупски другар, со кого заедно го помина речиси сиот фудбалски век во Вардар, Мето Спасовски.

Од младата до сениорската репрезентација

Игрите на Сократ Мојсов уште во неговите почетни години беа забележани и од тренерите на младата репрезентација на Југославија. Затоа не беше никакво изненадување кога тој беше повикан да ги брани боите на поранешната држава. Во тие денови, кога со брзи чекори почна да гази на прволигашката сцена, Мојсов одигра три меча за младата репрезентација, и тоа со Унгарија, Австрија и со Романија. Голема заслуга за тоа што се најде во младиот репрезентативен тим имаше и Милјан Милјаниќ, кој во тоа време беше познат како тренер за откривање таленти. Така, се случи и Сократ да му „легне“ на око и да се најде во репрезентацијата. Набрзо заигра и за олимписката, која всушност беше Б-репрезентација на Југославија, на мечевите со Алжир и со Унгарија, за потоа да се појави и во сениорскиот репрезентативен дрес.
Сократ Мојсов своето сениорско деби го имаше на средбата со Унгарија во Загреб, на 8 мај 1966 година. Тој на овој меч, во кој југословенскиот тим оствари победа со 2-0, не постигна гол, но известувачите не испуштија да ја истакнат играта на вардаровиот фудбалер, за кого, меѓу другото, напишаа: „Иако Мојсов не постигна гол, тој има голема заслуга за победата. Унгарците чувајќи го него, заборавија на другите играчи и создадоа простор тие двапати да ја затресат нивната мрежа“. По овој настап за сениорскиот тим, Мојсов уште двапати играше за А-репрезентацијата на поранешната држава, и тоа во двата меча против истиот противник, поранешниот СССР, во Белград и во Сараево.

Динамо „загриза“, Вардар не го пушти

Во средината на 60-тите години од минатиот век Сократ Мојсов го достигна својот играчки зенит. Тој стана еден од најпосакуваните фудбалери, за кого пројавија интересирање и сите тимови од „големата четворка“. Но за него најмногу „загриза“ Динамо, кој неколку дена просто го имаше „киднапирано“ Сократ. Тој отиде на преговори кај загрепчаните, но мораше да се врати дома зашто работите се искомпикуваа и Вардар реши да не го пушти својот напаѓач во екипата на популарните „модри“.
Се сеќавам на тоа време кога главно прашање кај симпатизерите на Вардар беше дали скопскиот напаѓач ќе замине за Загреб. Јас, како атлетичар, кој речиси секојдневно тренираше на атлетската патека на Градскиот стадион, се среќавав и со фудбалерите на Вардар. Често по тренингот, на излезот од јужната трибина, под која ни беа соблекувалните, нашите на страната кон помошното игралиште на Работнички, а нивните кон помошното на Вардар, ќе застаневме малку да помуабетиме. Овој пат главните разговори се вртеа околу тоа дали Сократ ќе остане. Еден ден, кога работите веќе кулминираа, се сретнав со Сократ и онака патем го прашав што има ново, дали останува или заминува. Тој очигледно разочаран, само тихо изусти: „Ништо не стана од трансферот во Динамо, сѐ пропадна“. Тоа ме заинтригира да се распрашам каде е проблемот. Подоцна дознав оти Управата на скопјаните удрила кочница. Симпатизерите на Вардар беа среќни што Сократ остана во нивниот клуб. Но, имаше и такви што, знаејќи за колкава понуда стануваше збор, сметаа оти на Сократ требаше да му се излезе пресрет. Со еден збор, одењето во Динамо, со оглед на огромната парична понуда, ќе му ги решеше сите финансиски проблеми до крајот на животот.
Интересно е дека истата судбина ја доживеа и Бошалевски, кој имаше убава понуда од Партизан. Но и овој пат Управата беше таа што го стопира неговото одење. Челниците на клубот во тоа време немаа моќ единствено да го спречат Дојчиновски да замине за Белград и да заигра за Црвена звезда, а потоа и за сениорската репрезентација на поранешна Југославија.

Со насолзени очи обновен договорот со Вардар

На моментите што ја разбрануваа фудбалската јавност, кога се кршеа копјата околу тоа дали Сократ ќе замине од Вардар, убаво се сеќава и неговиот клупски другар Диме Георгиев. Тие двајца, поради позициите на кои играа во тимот, не само што соработуваа на теренот туку и во приватниот живот беа добри и неразделни другари.
– Сократ пред сѐ е импозантна личност, без ниедна дамка во животот и во фудбалот. Тој во секој поглед е еден од најсветлите ликови што минале низ Вардар. Едноставно, немам зборови со кои можам да го опишам колку е голем и доблесен човек. Сократ е вистински пример и на семеен човек и родител, кој со сета душа и срце е посветен на семејството. А, кога веќе го опишувам, мора да ја потенцирам и неговата скромност. Кога беше во зенитот на славата, кога жареше и палеше на фудбалските терени, за разлика од некои што летаа во облаци, тој секогаш цврсто стоеше на земја. Ми се чини дека токму поради неговата добрина и сѐ што дотогаш даде за Вардар, Управата на клубот направи голема грешка што не го пушти да оди во Динамо. Добро бев запознаен со она што му го нудеа загрепчаните и можам слободно да кажам оти понудата беше толку голема, што тој и семејството материјално ќе беа обезбедени за цел живот. Од друга страна, пак, Вардар ни оддалеку не можеше да се доближи до една таква, би рекол, неверојатна понуда. Во предвечерјето, кога преодниот рок за премин од еден во друг клуб веќе истекуваше, јас и Сократ седевме на една клупа на кејот крај Вардар. Двајцата бевме во исчекување на последната одлука на вардаровата управа. Но, откако дознавме дека нема ништо од трансферот, верувајте, со насолзени очи отиде во клупските простории и го обнови договорот со Вардар. Така, на Сократ му пропадна една голема шанса, не само да се обезбеди финансиски туку и да заигра за еден голем клуб и како Македонец да се претстави и на европската фудбалска сцена – вели тој.
По тие настани и неостварена желба да заигра за Динамо, Мојсов уште неколку сезони ги бранеше боите на Вардар, а потоа замина за Франција, каде што од 1971 до 1973 година настапуваше за прволигашот Стад Рен. Сократ Мојсов по завршувањето на играчката кариера му остана верен на Вардар. Тој беше ангажиран како тренер на младите категории, од каде што произлегоа голем број првотимци и репрезентативци. Со младинската екипа освојуваше први места надвор од Македонија, а често некој од неговите фудбалери беше прогласуван за најдобар играч на турнирите.
Приказната за Сократ Мојсов ќе ја завршам со констатацијата оти тој беше една од најблескавите sвезди на Вардар и на македонскиот фудбал. Неговото име ќе зрачи и ќе нѐ потсетува на една голема фудбалска легенда.

Асовите од Сетина

Селото Сетина, Леринско, од кое потекнуваат браќата Мојсови, е познато уште по неколку спортски асови. Ова е шанса да се потсетиме и на нив, зашто и тие, според резултатите што ги постигнаа, оставија трага во македонскиот спорт.
Данчо Торбаков, за кого пишував во серијалот за легендите, беше истакнат фудбалер, кој ги бранеше боите на МИК (подоцна Скопје), Работнички, Југококта (сега Македонија Ѓорче Петров).
Браќата Натеви, двајцата беа одлични фудбалери. Помладиот Коста играше за МИК и за Работнички, а постариот брат Вангел беше фудбалер на МИК, за потоа кариерата да ја продолжи во Канада.
Стево Божаров беше ракометар на популарниот Југ, формиран во населбата Мичурин. Многумина го сметаа за еден од најдобрите пивоти во Македонија.
И на крајот, иако можеби местото му е и на почетокот, Трајко Трпчевски, кој беше основоположник на хокејот на мраз во Македонија. Тој дојде од поранешна Чехословачка и стана прв хокеарски тренер во Македонија.