На дното на Бундеслигата во април, на Штутгарт му беше потребен плејоф за опстанок, а сега е подготвен за пласман во Лигата на шампионите
Кога Себастијан Хенес беше назначен за тренер на Штутгарт во април, клубот беше на дното на табелата во германската фудбалска Бундеслига и веќе со нивниот трет тренер во таа сезона, и тогаш амбицијата беше само да се опстане, пишува „Скај спорт“. Тимот на Хенес загуби само двапати во последните 12 меча таа сезона, а победи дома и на гости на дуелите со Хамбург во плејофот за опстанок. Она што се случи оттогаш е извонредно. Одличната серија може само да го однесе во Лигата на шампионите.
– Да испадневме ќе беше огромен неуспех. Беше неверојатно важно да се опстане. Тој состав сега е трет на табелата. Никој не можеше да го предвиди ова. Кон крајот на минатата сезона бевме во многу бурни води – изјави за „Скај спорт“ спортскиот директор на Штутгарт, Фабијан Волгемут.
Волгемут му заблагодарува на главниот извршен директор Александар Верле за зрачењето со смиреност во тежок момент. Но доаѓањето на новиот тренер беше катализатор за промени.
– Имавме многу среќа што успеавме да го доведеме Хенес – додава тој.
Хенес е внук на поранешниот претседател на Баерн, Ули Хенес. Неговата работа во Хофенхајм покажа ветување. Но ова беше нешто друго, вели Волгемут.
– Тоа беше многу важен чекор, и вистинскиот чекор, на патот кон опстанокот. Од првиот ден Себастијан го постави курсот потребен за тимот да ги собере потребните бодови. Тој и неговиот тренерски штаб одиграа голема улога во тоа што успеавме да свртиме точно навреме. Дури и тогаш можеше да се каже дека тој има јасна претстава за тоа како сака да игра тимот и за нивото на интензитет, желба и острина што се очекуваат од играчите секој ден. Тој развој продолжи беспрекорно во подготовките за новата сезона – вели Волгемут.
Немаше трикови, тим-билдинг, само тренирање. Од фудбалерите се бараше да усвојат игра со додавања и тие одговорија на тоа. Само првите два тима во Бундеслигата имаат повеќе посед на топката сезонава. Постојаното подобрување на поединците, потпомогнато од работата на тренерот за развој Нејт Вајс, му овозможи на клубот да успее и покрај тоа што продаваше клучни играчи летово.
– Пред почетокот на сезоната финансиската клима беше тешка поради пандемијата и реновирањето на нашиот стадион, па моравме да генерираме значителен профит од нашите трансфер-активности. Придадовме големо значење на потпишувањето играчи, кои, покрај нивните способности, можат да се справат со притисокот и, идеално, да имаат одредено искуство – вели тој.
Клучно, тие се договорија да го задржат и Серху Гираси во клубот, кој постигна 15 гола на првите девет натпревари од сезоната.
– Не се само неговите голови што го прават вреден за нас. Води со пример на тренинзите и на натпреварите, ја носи одговорноста и е гладен за успех. Одамна знаеме што придонесува тој, поради што му го продолживме договорот пред натпреварите во плејофот за опстанок против Хамбург – вели Волгемут.
Приказната за Штутгарт потсетува дека разликите во фудбалот се мали. Ако еден или два резултата беа против нив пролетва, никој немаше да зборува за овој клуб како пример за другите, пишува „Скај спорт“. Наместо тоа, тие покажуваат што е можно кога луѓето се здружуваат.
– Интензитет, желба, заедништво, скромност. Сето тоа се атрибути што тимот и стручниот штаб, како и клубот во целина, ги покажа во изминатите неколку месеци. Секој поединец се гледа како дел од целината и ги става своите интереси настрана. Сакаме да продолжиме по овој пат бидејќи не можеме да заборавиме од каде дојдовме. Штутгарт речиси испадна во секоја од претходните две сезони, не можеме да го заборавиме тоа. Тоа остави свој белег и не само во финансиска смисла. Сакаме да продолжиме да растеме на одржлив начин и да се развиваме чекор по чекор – вели тој. Н.М.