Во редакцијата на „Нова Македонија“ вчера пристигна известувањето потпишано од голема група инженери и професори енергетичари од Македонија дека писмено се обратиле до директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, господин Артур Лорковски, со барање за итно влијание врз намерите на нашата влада да преземе активности спротивни на одредбите од Регулативата (ЕУ) 347/2013. Во продолжение е превод на текстот на барањето

Обраќање на инженери и професори енергетичари од Македонија до директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, господин Артур Лорковски

Ние, инженери и професори енергетичари од Македонија Ви се обраќаме со барање итно да влијаете на намерите на нашата Влада да преземе активности спротивни на одредбите на Регулативата (ЕУ) 347/2013.

Образложение:

Во неколку наврати Секретаријатот на Енергетската заедница се има обратено до нашата Влада со препорака за целосно транспонирање на одредбите од Регулативата (ЕУ) 347/2013. Нашата Влада, занемарувајќи ги Вашите препораки, деновиве, во забрзана постапка, во услови на подготовка на државата за парламентарни и претседателски избори, за прв пат, пристапува кон имплементација на Законот за стратешки инвестиции во кој воопшто не се транспонирани забелешките дадени во Вашиот допис бр. NM–MC/O/jko од 15 јануари 2020 година. Владата на исклучително нетранспарентен начин без уредување на подзаконските одредби од Законот за стратешки инвестиции, без добиени правни мислења од надлежните државни органи, на начин кој може да продуцира ризици од корупција, пристапува кон донесување на четири Lex specialis закони со кои се регулира реализацијата на четири исклучително штетни и коруптивни стратешки договори.
Овие Lex specialis закони се носат врз основ на Законот за стратешки инвестиции во кој не се имплементирани Вашите забелешки кои ги цитираме во текстот кој следи:
„Транспонирање на Регулативата за инфраструктура
Како договорна страна на Договорот за енергетска заедница, Република Северна Македонија беше обврзана да ја спроведе, односно да ја транспонира на национално ниво и да ја примени Регулативата (ЕУ) 347/2013 до 1 јануари 2017 година. Секретаријатот обезбеди техничка помош во три досегашните примери, а најновите нацрт-измени на Законот за стратешки инвестиции кои имаат за цел целосно транспонирање на оваа регулатива, во националните институции доцнат речиси една година, а процесот за нивно донесување не е ни започнат.

Како што беше дискутирано во неколку наврати, само членовите 12 и 13 од Регулативата 347/2013, поврзани со надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да се транспонираат во Законот за енергетика. Донесувањето на методологија за вакви прекугранични проекти веќе е вклучено во Законот за енергетика што е во сила. Меѓутоа, во правната рамка на Северна Македонија недостасуваат дефиниции за Проекти од интерес на Енергетската заедница (ПЕЦИ) и Проекти од заемен интерес (ПМИ), а регулаторната агенција ќе биде обврзана да преземе одредени активности поврзани со овие проекти. Бидејќи врз основа на Законот за стратешки инвестиции, РКЕ нема надлежност да развива методологии и распределба на трошоците за националните стратешки проекти и Законот за енергетика ги транспонира надлежностите на РКЕ поврзани со проектите PECI и PMI, постои недоследност помеѓу двата закони и правилното транспонирање и спроведување. Регулативата 347/2013 се доведува во прашање“.
Од текстот на еден од договорите кој Ви го праќаме во прилог на барањето, може да забележите дека штетите од Ваквиот договор се големи и долгорочни не само по економските и енергетските интереси на нашата држава туку и по интересите на европската унија.
Искрено се надеваме дека ова наше барање ќе го разгледате со должно внимание и ќе постапите по истото.

Инженери и професори енергетичари