Првенството ќе се одржи од 12 до 22 декември, а повторно ќе настапат седум клуба, од кои шест ќе бидат континентални шампиони и домаќинот

ФУДБАЛ – СВЕТСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО

Саудиска Арабија е избрана за домаќин на Светското клупско првенство во 2023 година, објави Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА). Одлуката на Советот на ФИФА е донесена само неколку дена по завршувањето на годинашниот турнир што се одржа во Мароко, на кој во финалето, европскиот шампион, шпански Реал Мадрид го совлада со 5-3 азискиот претставник Ал Хилал од Саудиска Арабија.
Советот на ФИФА ги потврди и промените во структурата на Светското клупско првенство, со одобрение за проширување на турнирот на вкупно 32 екипи, но од 2025 година. Така, Европа ќе добие 12 места, Јужна Америка шест, додека Африка, Азија, Северна и Централна Америка и Карибите ќе имаат по четири клупски претставници. Едно место е резервирано за Океанија, а другото за домаќинот организатор на турнирот.
ФИФА исто така потврди дека сите три домаќини на СП во 2026 година, а тоа се САД, Канада и Мексико, директно ќе се квалификуваат на СП. Поради ова, три места ќе бидат одбиени од квотата на КОНКАКАФ, така што од таа конфедерација ќе бидат достапни уште три места за пласман на тоа СП.
Советот на ФИФА, исто така, го одобри и годишниот извештај за 2022 година, во кој се наведува рекорден приход од 7,6 милијарди долари во текот на циклусот 2019-2022 година, како и 11 милијарди долари, кои се очекуваат во следните три години.
– Големото инвестирање на ФИФА во фудбалот е резултат на нашата солидна финансиска транспарентност и претставува конкретен пример за тоа како сакаме фудбалот да го направиме да биде глобален. Извонредниот успех на СП на ФИФА 2022 година одржано во Катар беше од клучно значење за способноста на организацијата да ја исполни својата мисија кон нашите членки и светот на фудбалот, и покрај повеќекратните предизвици со кои се соочивме во изминатиот циклус, а не само со пандемијата на ковид-19 – рече меѓу другото претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин и на Азискиот фудбалски куп во 2027 година, две години подоцна ќе биде домаќин на Азиските зимски игри, а се очекува да поднесе кандидатура и за Летните олимписките игри (ЛОИ) во 2036 година.
– Благодарни сме ѝ на ФИФА што ни даде можност да организираме ваков голем и исклучителен фудбалски настан. Саудискиот фудбал напредува неверојатно, а во моментов имаме повеќе пријавени играчи од сите возрасти од кога било досега, повеќе квалификувани тренери, повеќе обучени судии и посилна лига. Овој турнир ќе биде дополнителна причина да се оди напред, особено кога размислуваме кои селекции и кои играчи ќе играат во него – изјави претседателот на фудбалската федерација на Саудиска Арабија, Јасер ал Мишехал, за тамошните медиуми. Г.И.