Капитенот на Португалија стана првиот фудбалер што постигнувал голови на пет СП, со што ги тресеше мрежите на 10 последователни големи турнири, вклучувајќи ги СП и ЕП. На СП, Роналдо досега постигна осум гола, а рекордер е на ЕП, во ЛШ, за голови за една репрезентација…
ФУДБАЛ – НОВ ГОЛГЕТЕРСКИ РЕКОРД НА ПОРТУГАЛЕЦОТ
Ова беше прекрасен момент, моето петто светско првенство. Победивме и тоа е многу важна победа. Првиот натпревар е клучен на овие турнири. Првиот играч што постигна гол на пет светски првенства, тоа ме прави многу горд, рече Кристијано Роналдо, пренесе „Би-би-си“.
Роналдо еднаш ја затресе мрежата во првото коло на СП 2022 во Катар, во победата на Португалија, на мечот со Гана, со 3-2. Со тоа тој стана и вториот најстар играч што постигнал гол на мундијал (37 години, 292 дена), само зад Роже Мила од Камерун во 1994 година (42 години, 39 дена). Роналдо е третиот фудбалер што е и најстариот и најмладиот стрелец на една репрезентација на светските првенства, заедно со Хрватот Ивица Олиќ и Данецот Михаел Лаудруп.
– Роналдо е еден од најдобрите играчи во светот, тој е еден од најдобрите играчи на сите времиња. Кристијано Роналдо е феномен, легенда – вели селекторот на Португалија, Фернандо Сантос.
Роналдо е и рекордер во Лигата на шампионите со 140 гола, светски рекордер според голови за една репрезентација со 118, најдобар стрелец на европските првенства со 14 погодока… Вклучувајќи ги светските и европските првенства, Роналдо постигнува голови на десет последователни големи турнири. На мундијалите Роналдо досега има осум гола, и тоа по еден во 2006, 2010 и во 2014 година, потоа четири во 2018 година и засега еден на СП 2022.
На по четири светски првенства голови постигнуваа Пеле од Бразил (12 на мундијалите од 1958 до 1970 година), Уве Зелер од Германија (девет од 1958 до 1970 година), рекордерот Мирослав Клосе од Германија (16 од 2002 до 2014 година) и Лионел Меси (седум во 2006, 2014, 2018 и 2022 година). На листата на стрелци на планетарните првенства втор е Роналдо од Бразил, со 15 гола (на три СП), трет е Герд Милер од Германија со 14 (две), четврти е Жист Фонтен од Франција со 13 (едно), петти е Пеле, а по 11 гола постигнаа Шандор Кочиш од Унгарија (едно) и Јирген Клинсман (три) од Германија. Учества на по пет СП, пак, покрај Кристијано Роналдо, имаат и Мексиканците Антонио Карбахал, Рафаел Маркез, Андрес Гвардадо и Гилјермо Очоа, Аргентинецот Лионел Меси, Германецот Лотар Матеус и Италијанецот Џанлуиџи Буфон.
СТРЕЛЦИ НА НАЈМНОГУ МУНДИЈАЛИ
Кристијано Роналдо (Португалија) 5
Мирослав Клосе (Германија) 4
Пеле (Бразил) 4
Уве Зелер (Германија) 4
Лионел Меси (Аргентина) 4