Управниот директор за судење при УЕФА вели дека официјалните лица ќе бидат охрабрени да бидат отворени во нивните дискусии со капитените за да се поттикне здрава атмосфера меѓу сите страни
ФУДБАЛ
Управниот директор за судење при Европската фудбалска унија (УЕФА), Роберто Розети, напиша отворено писмо во пресрет на Европското првенство (ЕП), во кое, меѓу другото, се вели дека судиите ќе им ги објаснуваат клучните одлуки на капитените на репрезентациите, објави УЕФА.
– Да се биде судија во модерната игра многу е тешко. Тој донесува од 200 до 250 одлуки на секој натпревар, тоа е една на секои 22 секунди, во тешки, а понекогаш и контроверзни ситуации, под огромен притисок, при што секоја од нив е прегледана и повторно гледана од повеќе различни агли од гледачите и од експертите. Сакаме судии со силна личност да носат одлуки, кои понекогаш може да бидат непопуларни, на теренот, но, во исто време, сакаме тие да бидат поотворени и да објаснат што довело до одредени одлуки. Тие добиваат многу информации од системот видеопомошник-судија (ВАР), а ние сме подготвени да зборуваме и да споделиме повеќе детали со играчите и со селекторите за да им помогнеме да разберат како е донесена одлука – вели Розети, пренесе УЕФА.
Управниот директор за судење при УЕФА вели дека темата за однесувањето на играчите и на тренерите секогаш е важна тема во фудбалот, селекторите се согласиле да работат на ферплеј на априлската работилница за учесниците на ЕП 2024, а и дека тоа била една од главните теми на неодамнешниот состанок на Фудбалскиот одбор на Европската фудбалска унија во Нион.
– И селекторите и фудбалерите силно го поздравија и го поддржаа нашиот нов пристап како заедничка цел за доброто на играта. Објаснување одлука во ситуација кога до 22 играчи прават мобинг е невозможно за судијата. Тоа може да доведе до прекин на комуникацијата, при што убавата игра многу брзо се претвора во многу грда, што, сите се согласуваат, е лошо за имиџот на фудбалот. За некои одлуки, се разбира, секогаш ќе се дебатира. Сепак, во обид да се подобри статус квото, ние во УЕФА сакаме судиите да им објаснат повеќе од нивните одлуки на сите репрезентации што ќе се натпреваруваат на ЕП 2024. Идејата е едноставна, бараме од сите репрезентации да се погрижат нивниот капитен да биде единствениот играч што ќе зборува со судијата. Бараме од капитените да се погрижат нивните соиграчи да не навлегуваат и да не го опкружуваат судијата, дозволувајќи да се водат директни разговори, за одлуката да биде пренесена навремено и со почитување. Поважно, сакаме само капитенот од тимот што сака да разговара за одлука да може да му пријде на судијата. Одговорност на капитенот е да се погрижи неговите соиграчи да го почитуваат судијата, да држат дистанца и да не го опкружуваат. Секој соиграч што ја игнорира улогата на својот капитен и/или кој му приоѓа на судијата покажувајќи какви било знаци на непочитување или несогласување ќе добие жолт картон.
Очигледно, ако капитенот е голман, ќе треба да биде номиниран фудбалер од теренот што може да ја исполни оваа улога доколку се случи инцидент на спротивниот крај од теренот – пишува Розети.
Розети вели дека официјалните лица ќе бидат охрабрени да бидат отворени во нивните дискусии со капитените за да се поттикне здрава атмосфера меѓу сите страни.
– Ова ќе им овозможи да изградат значително количество доверба кај играчите и да покажат какво лидерство се бара од современите официјални лица во акција. Тимот од судиски специјалисти на УЕФА и, каде што е можно, судија на турнирот ќе се состанат со секоја од 24-те репрезентации за да разговараат за ова подетално и да ги споделат овие информации со играчите. Прифаќањето на овој пристап и зајакнувањето на судиите ќе доведе до зголемување на и онака многу високиот квалитет на судење во нашите натпреварувања и подобри натпревари за играчите и гледачите да уживаат за време на турнирот. Ако можеме да го олесниме конструктивниот дијалог меѓу судиите и капитените, сите ќе имаат корист и ќе оставиме позитивно наследство за иднината на убавата игра. Играта што сите ја сакаме – пишува Розети. Н.М.