Роналдо: Рекордите се моја мотивација

Роналдо, кој со уште еден настап за Португалија би станал фудбалер со најмногу настапи за една репрезентација, освои седум домашни титули, 11 други големи домашни трофеи, пет пехари во ЛШ, четири на клупските СП и има една титула европски првак со Португалија, но и многу индивидуални рекорди во ЛШ, на ЕП, СП…

ФУДБАЛ

Кристијано Роналдо синоќа беше на прагот на нов од серијата рекорди, овој пат за фудбалер со најмногу настапи за една репрезентација, откако се очекуваше негов настап за селекцијата на Португалија во натпреварот со Лихтенштајн, дома, во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија. Роналдо (38) се израмни со кувајтскиот напаѓач Бадер Ал Мутава со 196 натпревари кога играше на дуелот со Мароко на Светското првенство, пишува „Би-би-си“.
Роналдо, кој беше повикан од новиот селектор на Португалија, Роберто Мартинез, е рекордер и во категоријата најмногу голови за репрезентација, со 118 погодока. Неговата меѓународна кариера беше под прашалник по елиминацијата на Португалија од Мароко во четврт-финалето на Мундијалот во 2022 година.
Мартинез изјави дека Роналдо, кој дебитира во репрезентацијата на Португалија во 2003 година, „е многу важен за тимот“ и „не гледам на годините“, пишува „Би-би-си“.
– Рекордите се моја мотивација. Сакам да станам играч со најмногу настапи во историјата. Тоа би ме направило горд. Но тоа не застанува тука. Уште сакам да ме повикуваат многу често – изјави Роналдо во средата, пренесува „Би-би-си“.
Кристин Лили е фудбалерка со најмногу настапи на сите времиња, со 354 меча за репрезентацијата на САД.

Најновиот рекорд на Роналдо дополнително ќе го зацементира неговиот статус на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, пишува „Би-би-си“. Во блескавата кариера, Португалецот освои седум домашни титули, 11 други големи домашни трофеи, пет пехари во Лигата на шампионите, четири на светските клупски првенства и има една титула европски првак со Португалија.
Поранешниот напаѓач на Спортинг Лисабон, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и на Јувентус, исто така, пет пати ја освои „златната топка“ и двапати беше прогласен за најдобар играч во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Тој стана првиот играч што постигнал 800 гола на највисоко ниво во кариерата, во ноември, а има и голем број други индивидуални рекорди за фудбалери и за клуб и за репрезентација, вклучувајќи најмногу голови во Лигата на шампионите (140), најмногу настапи во Лигата на шампионите (183), најмногу победи во Лигата на шампионите (пет), единствениот играч што постигнал гол во три финалиња во Лигата на шампионите, најмногу настапи на европските првенства (пет), најмногу голови на континенталните шампионати (14), најмногу голови на европски и на светски првенства заедно (22), најмногу меѓународни голови во светскиот фудбал (118), првиот играч што постигнал 10 хет-трика во машкиот меѓународен фудбал…, пишува „Би-би-си“. Н.М.