Никогаш не можете да исклучите тим со искуство и историја на Реал Мадрид, но јас не би се обложил на нив. Мислам дека ова е година на Манчестер сити. Од почетокот на сезоната чувствував дека ова ќе биде годината во која Пеп Гвардиола конечно ќе ја освои Европа со Манчестер сити, вели поранешниот англиски фудбалер Руни

ФУДБАЛ – ПОЛУФИНАЛЕ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Со денешниот меч помеѓу актуелниот европски и светски првак, шпански Реал Мадрид, и англискиот премиерлигаш Манчестер сити почнува разврската на 68-то издание во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава, на патот кон големото финале во Истанбул, Турција. Утре, пак, е мечот на италијанските градски ривали Милан и Интер.
Поранешниот играч на Манчестер jунајтед, Евертон, Дерби Каунти и на репрезентацијата на Англија, Вејн Руни, кој по успешната професионална кариера се повлече од фудбалот на 35 години, има свој став околу денешниот дуел во Мадрид.
– Манчестер сити не само што ќе го победи Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите туку ќе го уништи – изјави Руни за „Тајмс“,
Поранешниот играч го признава рекордот на Реал Мадрид, но негов јасен фаворит за пласман во финалето, сепак, е Манчестер сити.
– Се разбира, би можел да грешам, но мислам дека Манчестер сити е на друго ниво. Никогаш не можете да исклучите тим со искуство и историја на Реал, но јас не би се обложил на нив. Мислам дека ова е година на Манчестер сити. Од почетокот на сезоната чувствував дека ова ќе биде годината во која Пеп Гвардиола конечно ќе ја освои Европа со Манчестер сити – вели Руни.
За Руни, клучен фактор во ова изедначување е Ерлинг Холанд, кој веќе го собори рекордот на голови во Премиер-лигата во својата прва сезона.
– Пред една година Реал го исфрли Манчестер сити, но сега динамиката е поинаква. Манчестер сити е подобар во одбраната и е потрпелив тим, но најголемата промена е токму Холанд. Минатата сезона на „Бернабеу“, тимот имаше пет луди минути поради кои го загуби мечот. Со Холанд тоа немаше да се случи. Реал не можеше да игра на ист начин. – појаснува Руни.
Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед се прашува како Реал Мадрид може да го запре Холанд. Бидејќи Едер Милитао е недостапен за Карло Анчелоти за првиот натпревар поради суспензија, сите знаци укажуваат на тоа дека Антонио Рудигер ќе има задача да се справи со норвешкиот напаѓач.
– Тој е голем конкурент што сака игра еден на еден. Сепак, мислам дека германскиот дефанзивец не може да се справи со Халанд. Со брзината и моќта на Холанд и неговото движење во шеснаесетникот, мислам дека ниту еден централен бек во светот не може да го запре – коментира Руни за „Тајмс“.
Ова е дeсетти полуфинален настап за Реал Мадрид во елитното клупско натпреварување во претходните 12 сезони, а тимот игра за шестата титула од 2014 година, а заедно за вкупно 15-та. Манчестер сити без сомнение треба да му биде најтежок тест сезонава, кој, пак, негува големи амбиции. Г.И.


ПОЛУФИНАЛЕ НА ЛШ

Реал М. – Манчестер С. денеска
Милан – Интер утре

реваншите се на 16 и 17 мај