Македонски пораки за 9 Мај

Она што денес ѝ се прави на Македонија, од страна на некои земји-членки на Унијата, нема никакви допирни точки ниту со заложбите на Шуман, ниту со договорот за Мастрихт, ниту со Копенхашките критериуми, ниту со што било друго што може да се наречен вредносен систем на ЕУ. Дури напротив, врз Македонија со години се спроведува анти-ЕУ експеримент од страна на Бугарија и Грција, како земји-членки на ЕУ, кои го злоупотребуваат меѓународното право и ги прекршуваат европските вредности

За демократска, прогресивна и правдољубива Европа, денешниот датум, 9 мај, како Ден на Европа и Ден на победата над фашизмот, има огромно историско значење.
За Македонија значењето е веројатно уште поголемо. Дотолку повеќе што и на двата фронта, и за победата над фашизмот и за изградба на прогресивна и правдољубива Европа, Македонија и македонскиот народ се имаат целосно вградено себеси и имаат дадено огромен број жртви.
Токму низ тој вител на војната се издигна и македонската државност, втемелена врз начелата на слобода, напредок, хуманост, правда, еднаквост, како најголеми цивилизациски придобивки. Круна на антифашистичката борба на Македонија беше Првото заседание на АСНОМ, кога се заокружија вековната борба и стремежот на македонскиот народ за своја самостојна држава. Создавањето на македонската држава се оствари низ учеството на македонските партизански единици на страната на антифашистичкиот сојуз, со што Македонија покажа дека е на вистинската страна на историјата, правејќи го единствениот и вистински избор. Во таа борба за слобода и поправеден свет, Македонија даде повеќе десетици илјади жртви.
Денот на Европа – 9 Мај, пак, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, која се смета за прв официјален чекор во создавањето на Европската Унија. Во продолжение накратко за значењето и на двете одбележувања, актуелните предизвици со кои се соочува државата и, секако, пораките што треба да ги испратиме пред светот и меѓународната заедница, токму и по повод овој 9 Мај.
И покрај тоа што македонскиот народ и држава беа на вистинската страна на историјата и заедно со прогресивна Европа испишавме светла страница за изградба на похумано и поправедно општество, како што впрочем го замислил и Шуман, за жал, Македонија и денес се соочува со уцени и притисоци од соседите, наплив на хегемонизам, шовинизам и ревизионизам, кои се спротивни од европските вредности. Она што денес ѝ се прави на Македонија, од страна на некои земји-членки на Унијата, нема никакви допирни точки ниту со заложбите на Шуман, ниту со договорот за Мастрихт, ниту со Копенхашките критериуми, ниту со што било друго што може да се наречен вредносен систем на ЕУ. Дури напротив, врз Македонија со години се спроведува анти-ЕУ експеримент од страна на Бугарија и Грција, како земји-членки на ЕУ, кои го злоупотребуваат меѓународното право и ги прекршуваат европските вредности.

Така, во име на евроинтеграцијата, од Македонија се бараше и се бара да се откаже од своите идентитетски обележја. Многу жртви досега положивме на тој пат кон ЕУ.
Се откажавме од знамето, од нашето уставно име, од грижата за македонското малцинство во соседните земји, кое, пак, е нераскинлив дел од македонското национално ткиво, од нас се бара да се откажеме од историјата, од јазикот, од меѓународното право итн.
Навистина премногу е. Доволно отстапки направивме досега и веќе нема простор да попуштиме ниту милиметар од она што значи одбрана и заштита на македонските национални и идентитетски обележја. Тоа е нешто што мора гласно да се предочи пред сите. Токму и по повод овој 9 Мај.
Да се испрати јасна и недвосмислена порака дека посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик претставуваат историски факт и историска реалност во секоја смисла, а Македонците, како и сите други народи, имаат право на самоопределување, сопствени чувства, убедувања и сопствен поглед на минатото и иднината.
Историчарите и политиколозите се едногласни дека познавањето на сопственото минато ја отвора вратата кон иднината. Македонското славно минато, кое впрочем е дел и од европско минато, меѓу другото е и антифашистичката борба. Никој нема право да нѐ условува да се откаже од тоа, ниту пак смее да се дозволи преиначување на историјата. Но, за жал, токму вакво нешто се сака да се протурка низ мала врата, преку некакви заеднички мешани македонско-бугарски историски комисии и сл. Се настојува врз грбот на Македонија некој друг да ги испере своите грешки од минатото. Она што е уште пострашно е тоа што во некои земји-членки на ЕУ дури и денес се величаат и слават некои ретроградни политики и мрачни личности од минатото.
Во таа насока, Европската Унија, пред сѐ и над сѐ,треба да се справи прво со повампирувањето на фашизмот во своите редови, особено во Бугарија. Тоа е таа голема опасност на која треба да се предупреди и на овој 9 Мај.

Во продолжение неколку збора и за непринципиелноста, двојните стандарди, но и лицемерството што се манифестира на отворена сцена во европската висока политика сиве изминати години. Македонија предолго се држи во чекалницата на ЕУ. И секогаш како изговор се користат некакви нелогични и нејасни образложенија, при што постојано ни се наметнуваат нови обврски што претходно ги немало за ниту една друга земја-членка. Како да се заборава дека Македонија беше прва држава од земјите-учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација што уште во 2001 година ја потпиша спогодбата и со тоа ја подотвори вратата кон ЕУ. Во 2005 година, од страна на Европскиот совет ни беше доделен статус земја-кандидат за членство во ЕУ. Оттогаш, па сѐ досега Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Македонија, при што постојано добиваме позитивни оцени и препорака за почеток на преговори со Унијата. Но тоа никако да се случи.

Македонија не смее да се користи како заложник за остварување нечии туѓи и анахрони шовинистички и хегемонистички аспирации. Такво нешто не смее да се дозволи и поради интегритетот и кредибилитетот на самата Европската Унија и вредностите на кои самата почива и е основана. И ова треба гласно и јасно да се каже на овој 9 Мај, токму во насока на одбрана на вистинските вредности на ЕУ, каква што сите ја посакуваме

Сега најнов услов што се бара од нас е да го смениме Уставот и да ги внесеме Бугарите во него,за некаков официјален почеток на преговорите. Да бидеме начисто. Ова не е таа нова и праведна Европа за која се залагаше Шуман уште во 1950 година. Европа во која ќе владеат правото, хуманоста, слободата, еднаквоста и народите ќе се почитуваат меѓу себе. Денес во Европа владее само правилото на посилниот, преку тиранија и уцени врз послабиот.
Ова што сиве изминати години ѝ се прави на Македонија, во најмала рака, е уцена без преседан во историјата на ЕУ. Нешто од што одредени политичари од ЕУ треба да се срамат во иднина. И ова, секако, не смее да се премолчи. Особено не на 9 Мај.
Зашто напредокот и стабилноста во Македонија се важни за напредокот и стабилноста на целиот регион и за целата Европска Унија. Македонија не смее да се користи како заложник за остварување нечии туѓи и анахрони шовинистички и хегемонистички аспирации. Такво нешто не треба да се дозволи и поради интегритетот и кредибилитетот на самата Европската Унија и вредностите на кои самата почива и е основана. И ова треба гласно и јасно да се каже и на 9 Мај. Токму во насока на одбрана на вистинските вредности на ЕУ и на Европа каква што сите ја посакуваме. Европска Унија заедно со Македонија во неа како нејзин географски, историски, културолошки, па ако сакате и вредносен составен елемент.
Да живее 9 Мај, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.

[email protected]