Со трансферот од Вест Хем во Арсенал за 105 милиони фунти, Рајс стана најскапиот играч на Арсенал, вториот најскап англиски фудбалер (Белингем остана на врвот на таа листа, со трансферот летово од Борусија Д. во Реал Мадрид за 115 милиони фунти), а трансферот е најголем досега помеѓу два британски клуба

ФУДБАЛ – ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Арсенал го ангажира англискиот фудбалер за врска Деклан Рајс од Вест Хем за клупска рекордна сума од 105 милиони фунти. Договорот ја надминува сумата од 72 милиони фунти што Арсенал ја плати за Николас Пепе од Лил во 2019 година, а е и рекордна сума за трансфер помеѓу два британски клуба, пишува „Скај спорт“.
Рајс потпиша петгодишен договор со Арсенал, со опција за уште една година. Договорот со Рајс од 105 милиони фунти е поделен на почетна уплата од 100 милиони фунти, кои ќе бидат исплатени во текот на 24 месеци, со пет милиони фунти во додатоци, кои се еден милион фунти секогаш кога Арсенал ќе се пласира во Лигата на шампионите, а Рајс почнува 60 проценти од мечевите, пишува „Скај спорт“.
– Навистина сме среќни што ни се придружува Деклан. Тој е играч со огромни способности, кој настапува на високо ниво во Премиер-лигата и за Англија веќе неколку сезони. Деклан носи несомнен квалитет во клубот и тој е исклучителен талент, кој има потенцијал да биде многу успешен тука. Тој има големо искуство во Премиер-лигата на само 24 години. Тој беше капитен на многу добар тим на Вест Хем и како што сите видовме, неодамна освои европски трофеј – вели тренерот Микел Артета.
Џуд Белингем стана најскапиот англиски фудбалер на сите времиња кога летово направи трансфер од Борусија Дортмунд во Реал Мадрид за 115 милиони фунти, а Рајс станува вториот најскап Англичанец досега, чини пет милиони фунти повеќе од 100-те милиони фунти што Манчестер сити ги плати за Џек Грилиш во август 2021 година, пишува „Скајспорт“. Исто така, тоа би било само третпат англиски клуб да плати над 100 милиони фунти за трансфер на фудбалер. Н.М.


НАЈСКАПИ ТРАНСФЕРИ НА АНГЛИСКИ ФУДБАЛЕРИ
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОД КЛУБ – ВО КЛУБ СУМА

Џуд Белингем Борусија Д.-Реал Мадрид 115
Декалн Рајс Вест Хем-Арсенал 105
Џек Грилиш Астон вила-Манчестер с. 100
сумите се во милиони фунти
Извор: Скајспорт