Фото: ЕПА

Седумкратниот освојувач на „златната топка“ може да дебитира за Интер Мајами в петок, на мечот со мексиканскиот Круз Азул на отворањето на Лига-купот

ФУДБАЛ

Лионел Меси ја заврши својата преселба во клубот од американската МЛС-лига на Дејвид Бекам, Интер Мајами, како слободен фудбалер, пишува „Скај спорт“.
– Многу сум возбуден што ќе го почнам следниот чекор во кариерата со Интер Мајами и во САД. Ова е фантастична можност и заедно ќе продолжиме да го градиме овој прекрасен проект. Идејата е да работиме заедно за да ги постигнеме целите што ги поставивме и јас сум многу желен да почнам да помагам тука во мојот нов дом – изјави Меси, пренесе „Скај спорт“
Меси, седумкратниот освојувач на „златната топка“, награда за најдобриот фудбалер на годината, може да дебитира за Интер Мајами в петок, на мечот со мексиканскиот Круз Азул на отворањето на Лига-купот, нов турнир на кој МЛС и мексиканската лига ќе ги паузираат своите сезони од 21 јули до 19 август за да се одредат трите клуба што ќе се пласираат за Купот на шампионите во 2024 година, пишува „Скај спорт“.
Косопственикот на Интер Мајами, Бекам, рече дека овој потег е „остварен сон“.
– Пред 10 години, кога го почнав моето патување за изградба на нов тим во Мајами, реков дека сонував да ги доведам најголемите играчи во светот во овој неверојатен град, играчи што ја споделуваа амбицијата што ја имав кога му се приклучив на ЛА галакси за да помогнам во развојот на фудбалот во САД и да се изгради наследство за следната генерација во овој спорт што толку многу го сакаме. Денеска тој сон се оствари. Не можам да бидам погорд што играч од калибарот на Лео му се приклучува на нашиот клуб, но, исто така, сум среќен што можам да им посакам добредојде на добар пријател, неверојатна личност и на неговото прекрасно семејство за да ѝ се приклучат на нашата заедница во Интер Мајами. Следната фаза од нашата авантура почнува тука и едвај чекам да го видам Лео како излегува на теренот – вели Бекам. Н.М.