Дел од разочараните граѓани со кои разговаравме за деценискиот проблем

На просторот на некогашната касарна, градските власти, меѓу другото, требало да изградат комплетно нова траса и инфраструктура на две улици, атмосферска и фекална канализација и коловоз. Од сето тоа, веќе 11 години не е направено ништо, па луѓето што купиле парцели не можат да почнат со градба на планираните живеалишта

(Не)обични стории од битолското секојдневие

Маката на повеќе од 40 битолчани, кои своевремено на електронска аукција купија градежни парцели во касарната, но кои, за жал, не можат да почнат да градат, бидејќи не постои никаква инфраструктура, претставува само мал пресек на проблемите што обичен граѓанин ги има со бирократскиот апарат. Тоа што парцелите се купени и платени пред 11 години како да не допира до надлежните, кои се должни да ја реализираат својата обврска.
– Кога на 21 август 2012 година Комисијата за спроведување на постапката за јавно наддавање, Општина Битола со писмо го извести мојот син Александар Стфановски дека на јавното наддавање за купување градежно земјиште со површина од 693 квадратни метри понудил најдобра понуда и дека со тоа се стекнал со статус на најдобар понудувач и станал сопственик на градежното земјиште на парцела во „АР четврт 2“, никој не беше посреќен ни од него, ни од мене. Со купувањето, мојот син се стекна со сопственост на парцелата за изградба на индивидуална куќа во касарната, или како што тогаш ја викаа Златен Рид – ни раскажува д-р Пеце Стефановски, еден од најдобрите интернисти во Битола, чиј син Александар планирал да гради.
Откако во законски утврдениот рок ги уплатиле средствата за купување на парцелата и на 21 август 2012 година синот со Општина Битола потпишал договор за купување на градежното неизградено земјиште, сопственост на општината, тие почнале да прават планови за изградба на куќата.
– Во тие моменти навистина се израдувавме бидејќи како родител постојано го наговарав да се врати во Битола и тука да инвестира, за да не живееме постојано на релацијата Битола – САД. Од тогаш, еве наскоро ќе изминат цели 11 години, син ми не може да почне да гради, бидејќи Општина Битола нема направено ништо од инфраструктурата со која ќе ни се создадат макар минимални услови за градба. Земјиштето што го купивме е целото обраснато со дрвја, треви и џбунови и наместо на градежна парцела наликува на напуштена депонија. Сега не можам на моето дете пред очи да му излезам. Парите што ги имаше заштедено ги даде за купување на парцелата, а 11 години не може да почне да гради. Мојот син, кој од сето тоа што го гледаше во оваа држава си замина од Битола и Македонија и кој е одличен информатичар, постојано го колне денот кога ме послушал и решил да гради куќа во Битола. Дури ме прекорува и мене што сум го натерал да купи парцела во Златниот Рид. Искрен да бидам и јас секој ден се обвинувам себеси што воопшто му ја дадов таа идеја да купи парцела во Битола – вели д-р Стефановски.
Маката што ја трпи синот на д-р Пеце Стефановски, Александар, ја споделува со уште четириесетмина битолчани, кои на електронска аукција купија градежни парцели во касарната и, за жал, не можат да почнат да градат бидејќи немаат основни услови за градба.

– Цели 11 години молчевме и се надеваме дека локалните власти ќе се вразумат и ќе ја средат инфраструктурата и ќе ни овозможат какви-такви услови за градба. Но, за жал, досега нема ништо од тоа. Претходната локална власт во мандатот на ексградоначалникот Владимир Талески откако ни ги продаде на електронска аукција парцелите со почетна цена од едно евро за квадратен метар не се погрижи воопшто да ја среди инфраструктурата. Парите од продажбата, не само на тие парцели туку и од другите парцели што ги продаде, во износ од над 6,5 милиони евра, наместо да ги искористи за средување на инфраструктурата во касарната, ги пренамени за изградаба на инфраструктурата во индустриската зона „Жабени“, а ексградоначалничката Наташа Петровска иако имаше пари на сметката не сакаше ни да слушне да изгради инфраструктура, бидејќи ѝ било неисплатливо – вели еден од разочараните сопственици на парцели во касарната.
– Имам парцела во Златен Рид, проект АРМ2. Но од тој проект нема ни буква, за разлика од проектот АРМ1 од другата страна, кој е направен и изграден како да сме во Холивуд. Имаме спротивност, од една страна планина и џунгла, од друга Холивуд. За тоа се заслужни органите на општинската управа, кои дозволија да чекаме 11 години без да имаме никаква инфраструктура. Парцелите се платени пред 11 години заедно со даноците и комуналиите, но ништо не е направено – додава д-р Пеце Стефановски.
Сопствениците на парцелите критикуваат дека општината наоѓа средства за проекти што не се толку приоритетни, а не се интервенира онаму каде што им ги продаде парцелите, им зеде пари, а нема направено никакви услови луѓето да можат да градат.
– Парцелите за изградба на индивидуални објекти ги купивме легално, на електронска аукција, со јавно наддавање. Ги плативме комуналиите, општината нема направено никакви услови за да се почне со градба, а трпиме штета, материјални загуби. Нашите пари веројатно отидоа за други проекти наместо да се наменат за изградба на инфраструктура овде – вели Јане Ристевски, невропсихијатар од Битола.
На ваквите забелешки и критики од страна на сопствениците на парцелите, од општината ни одговорија дека се запознаени со проблемот и дека ги разгледуваат сите можности за решавање на овој долгогодишен проблем, чие решение не е едноставно и бара дополнителни средства. Локалната власт, на чие чело е градоначалникот Тони Коњановски, ги крева рамениците и вели дека општината во моментот нема пари да ја изгради инфраструктурата бидејќи за тоа биле потребни најмалку два милиони евра.

Наместо инфраструктура, местото е одамна зараснато

– Станува збор за голема инвестиција од околу два милиони евра, а платените комуналии се околу 20 проценти од средствата потребни за изградба на инфраструктура во посочениот дел на АРМ, каде што е потребно да се изгради комплетно нова траса и инфраструктура на две улици. Оваа локална самоуправа во изминатата година и половина прави напори, во согласност со документацијата од 2015 година да ги обезбеди потребните средства, разгледувајќи различни начини на финансирање. Комплексноста на проектот не дозволува едноставно решавање. Покрај новата траса, треба да се изгради и атмосферска и фекална канализација, коловоз. Токму затоа е потребно да се обезбедат дополнителни извори на средства, кои ќе овозможат општината да дејствува и на овој простор – одговорија од Општина Битола.
Ваквото објаснување од страна на локалната самоуправа воопшто не им е логично на сопствениците на парцелите. Тие тврдат дека ги купиле парцелите по условите што ги поставила општината. Истите тие се купени на јавно електронско наддавање, каде што единствениот услов да се стане сопственик на парцелата бил тој што ќе понуди највисока цена.
– Некои луѓе во тоа време издвоија доста свои средства. Некои подигнаа кредити да ги платат парцелите, а има и такви што ги продадоа своите станови сметајќи дека ќе изградат куќа. Но, за жал, нема ништо од тоа – велат разочараните сопственици на парцели.
Тоа што особено им паѓа тешко е што во ваква ситуација тие не само што не гледаат решение туку не гледаат ни заинтересираност на општината сериозно да се зафати со решавање на нивниот проблем. Во таква ситуација тие се подготвуваат своите права да ги остварат по судски пат и да ја тужат општината.
На сите им е јасно дека тоа ќе биде долг и мачен процес, кој ќе се одолжува до недоглед, како и во други слични случаи и прашање е дали и каква сатисфакција ќе им донесе. Но, едноставно, велат дека немаат друг избор, па ако ништо друго тоа да биде опомена за други случаи кога локалната самоуправа или државата ќе посака да си поигра со довербата на граѓаните.