Од Европа досега обезбедија пласман Челси, Реал Мадрид, Манчестер сити, Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Порто и Бенфика. На првото проширено клупско СП, во 2025 година во САД, ќе играат 32 тима, а ФИФА објави дека има 20 сигурни учесници, и тоа осум од Европа, по три од Северна и од Јужна Америка, по два од Африка и од Азија и по еден од Океанија и од земјата домаќин. Преостанати се уште 12 слободни места (четири од Европа, три од Јужна Америка, по два од Африка и од Азија и еден од Северна Америка)

ФУДБАЛ

Челси (Англија), Реал Мадрид (Шпанија) и Манчестер сити (Англија) како европски прваци во претходните три сезони, како и Баерн (Германија), Пари сен Жермен (Франција), Интер (Италија), Порто и Бенфика (двата од Португалија) преку рангирањето на Европската фудбалска унија (УЕФА), се осумте потврдени учесници од Европа на првото проширено клупско Светско првенство (СП), кое во јуни и во јули 2025 година треба да се игра во САД, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). На клупското СП 2025 ќе играат вкупно 32 тима, а шампионатот ќе се игра секои четири години (досега се играше годишно, настапуваа седум тима, шест континентални шампиони и претставник на домаќинот на СП).
Европа на СП 2025 треба да има вкупно 12 екипи. Преостанатите четири места ќе ги пополнат европскиот првак од сезонава и уште три тима според пласманот на листата на УЕФА. Има едно ограничување, а тоа е најмногу по два клуба од една земја, освен ако од соодветната земја има повеќе од два европски прваци во четиригодишниот циклус. Советот на ФИФА ја потврди методологијата за рангирање на клубовите што ќе се користи како дел од клучните принципи за настап, со кој се бодува секој меч и се доделуваат поени за секој пласман во повисока фаза на натпреварување во секое континентално клупско првенство, во четирите сезони пред СП.
Врз основа на одобрените принципи и резултатите во соодветните континентални клупски натпреварувања, ФИФА објави кои клубови треба да учествуваат и од другите конфедерации. Така, од Африка ќе играат четири екипи, и тоа Ал Ахли (Египет, првак во 2021 и во 2023 година) и Видад (Мароко, шампион во 2022 г.), првакот на Африка за сезонава и еден тим според пласманот на ранг-листата за Африка. И од Азија треба да има четири тима, Ал Хилал (Саудиска Арабија) и Урава (Јапонија), како прваци за 2021, односно 2022 година, потоа шампионот за сезонава и еден тим преку ранг-листата за Азија. Четири тима ќе играат и од Северна Америка, континенталните прваци Монтереј (Мексико, 2021 година), Сиетл (САД, 2022), Леон (Мексико, 2023) и шампионот за сезонава. Океанија ќе има еден тим, Окленд сити (Нов Зеланд), според пласманот на ранг-листата за Океанија. Јужна Америка ќе биде претставена со шест клуба, и тоа бразилските Палмеирас, Фламенго и Флуминенсе, кои беа победници на Копа либертадорес за 2021, 2022 и за 2023 година, а ќе играат и првакот за 2024 година и два тима според пласманот на ранг-листата за Јужна Америка. Уште едно место ќе ѝ биде доделено на земјата домаќин, а дополнителни детали ќе бидат објавени наскоро, објави ФИФА.
– Клубовите играат фундаментална улога во светскиот фудбал, а Светското клупско првенство на ФИФА за 2025 година ќе биде голема пресвртница во обезбедувањето на клубовите од сите конфедерации со соодветна сцена на која ќе блеснат на највисоко ниво. Ова ќе биде отворено натпреварување засновано на спортски заслуги што ќе игра клучна улога како дел од нашите напори да го направиме фудбалот вистински глобален – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.


Интерконтинентален куп ќе се игра секоја година

Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека ќе има годишно клупско натпреварување од 2024 година, во кое ќе настапат сите континентални шампиони, со финале на неутрален терен помеѓу победниците на европската Лига на шампионите и победникот на интерконтиненталниот плејоф меѓу клубовите од преостанатите конфедерации, објави ФИФА. Интерконтиненталниот куп ќе содржи три фази, во првата ќе играат наизменично (секоја година) првакот на Азија или на Африка со шампионот на Океанија, а победникот ќе се сретне со првакот на Азија или на Африка, во втората шампионите на Северна и на Јужна Америка ќе играат меѓу себе, а потоа ќе се сретнат победниците на двете фази, на неутрален терен каде што се игра финалето, во кое директно ќе настапи првакот на Европа, објави ФИФА. Датумите на првите фази на Интерконтиненталниот куп за 2024 година ќе ги објави ФИФА во консултација со клубовите и со конфедерациите, плејофот е предвиден за 14 декември, а финалето на 18 декември. Н.М.