Наводните „лапсуси“, како на веб-страницата на македонската амбасада во Норвешка, не се наивни и се дел од една постојана тенденција за еродирање на македонскиот национален идентитет. Жално е што со лошите билатерални договори практично самите го дадовме во залог нашиот национален супстрат и наедно дадовме легитимитет за несанкционирање и повторување на таквите „лапсуси“, кои перманентно и упорно прават ерозија на македонизмот

Од најсеверната македонска амбасада, преку веб-страница, „промовирана“ придавката – „северномакедонски“

Македонската амбасада во Норвешка, на прославата за одбележување 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со земјата домаќин, на официјалната веб-страница ја употребила придавката „северномакедонски“ за да ги опише квалитетите на македонските вина… По реакција во македонските медиуми, „лапсусот“ на веб-страницата на амбасадата во Норвешка е исправен, а овој „пропуст“ само го зголемува списокот на апсурди што произлегуваат од практичната употреба на Преспанскиот договор.

Епидемија на лапсуси

И по пет години од Преспанскиот договор и упатството на македонското МНР за негова „правописна примена“, сепак и понатаму се случуваат навидум небрежни „лапсуси“ со придавката „македонски“, не само од странските претставници лидери туку дури и од нашата дипломатија. Зачестеноста на ваквите „лапсуси“, кај голем дел од македонската јавност се доживува како тенденција за сериозно разредување на македонската идентитетска есенција.
– Сега веќе сѐ повеќе и појасно се соочуваме со лошите нуспојави од лошо составените билатерални соседски договори, како со Грција така и со Бугарија. Уште на самиот почеток, кога беше објавен текстот на Преспанскиот договор, а и за цело време од процесот на негово усвојување и спроведување, научната родољубива јавност укажуваше дека со додавање придавка (географска одредница) пред именката (името) Македонија, нам Македонците ќе ни биде сменет идентитетот. И, еве, сега се соочуваме со нови придавки за нашиот идентитет, изведени од придавката пред именката Македонија. Таквите наводни „лапсуси“, како на веб-страницата на македонската амбасада во Норвешка не се наивни и се дел од една постојана тенденција на поништување на македонскиот национален идентитет. Жално е што со лошите билатерални договори практично самите дадовме легитимитет за повторување и „неказнивост“ на таквите лапсуси. Залудно е што во документите имаме граѓански формулации за националноста „државјанство/македонско“, кога не можеме да се наречеме Македонци. Сега ги доживуваме последиците на опасниот преседан во Преспанскиот договор, со кој потписниците од македонска страна брзоплето се согласија на голема глупост, која нѐ чини идентитет – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.

Македонскиот национален идентитет во гето

Според нашите соговорници, тенденциите во соседските договори што ги потпиша Македонија се производ на плитка политичка логика, која реалноста ја побива.
– Апсурдот на ставање политичка граница на националниот идентитет, како што е направено со двата соседски договори со Грција и Бугарија, практично го става македонскиот национален идентитет во гето. Македонскиот јазик, Македонците, нивната традиција и култура не се ограничени само во рамките на државните граници на Македонија. Ниту еден народ не живее само во рамките на националната држава. Впрочем, реалноста покажува дека таков национален концепт не поминува. Историските процеси не се движат праволиниски, но и понатаму не се покажува тенденција дека во таквите процеси се губи националното определување. Тенденциите во соседските договори што ги потпиша Македонија, практично за поништување на македонскиот национален идентитет, се производ на плитка политичка логика, која реалноста ја побива. Така што обврските што произлегуваат од апсурдни договори, во реалноста се покажува дека е невозможно да се исполнат. Македонскиот национален идентитет не смее да се изгуби поради лошо составени договори – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.