ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Тројца досегашни победници и двократен вицешампион остануваат во трката за титулата во Лигата на шампионите за фудбалерки. Полуфиналистите од Лигата на шампионите имаат вкупно десет титули и 18 финални настапи, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница, претставувајќи ги полуфиналистите.
Во првите мечеви, на програмата на 23 и на 24 април (реваншите се на 30 април и на 1 мај), ќе играат Барселона – Волфсбург и Лион – Пари сен Жермен. Финалето е предвидено да се игра на 21 мај, на стадионот на Јувентус, во Торино (Италија).
Барселона е актуелен европски првак, во Шпанија седум пати биле прваци и осум пати победници на Купот на Шпанија, пишува УЕФА.
Волфсбург лани играше во четврт-финалето на Лигата на шампионите, шест пати е првак на Германија, осум пати победник на Купот на таа земја, а европски првак беше во 2013 и во 2014 година.
Лион е 14-кратен првак на Франција, девет пати победил во Купот на Франција и рекордни седум пати е шампион на Европа (2011, 2012, 2016, 2017, 2018, 2019 и 2020 година). Лани настапи во четврт-финалето.
Пари сен Жермен лани играше во полуфиналето, еднаш бил првак на Франција и двапати победник на Купот, а во Лигата на шампионите беше втор во 2015 и во 2017 година.