Фото: ЕПА
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Барселона е само вториот тим што се врати од два гола негатива и победи во финале на ЛШ, откако претходно го направи тоа Волфсбург во 2014 година

Барселона се врати од негативата од 0-2 по првото полувреме, победи со 3-2 на мечот со Волфсбург и вторпат ја освои титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки, во Ајндховен (Холандија). Ева Пајор и Алекс Поп му донесоа водство на германскиот претставник Волфсбург, но во рок од пет минути во почетокот на вториот дел Патри Гихаро постигна два гола за израмнување на резултатот, а поранешната фудбалерка на Волфсбург, Фридолина Ролфо, подоцна постигна уште еден гол за шпанскиот тим Барселона, за само втор пресврт по негатива од два гола за победа во финалето на ова натпреварување, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Ги комплицира работите кога ќе примите два гола. Создадовме шанси, но не ги искористивме. На полувремето зборувавме за тие мали детали, вербата во себе дека созреавме од минатата година и што не се распаднавме откако имавме негатива. Гладот и верувањето на сите беа тие што доведоа до победа. Навистина сум среќна што му помогнав на мојот тим да го освои овој трофеј – рече најдобрата фудбалерка на мечот, Гохаро, пренесе УЕФА.

Учествувајќи во своето четврто финале во претходните пет години, Барселона ја освои втората титула (прво славеше во 2021 година). Барселона е само вториот тим што се врати од два гола негатива и победи во финале на ова натпреварување, откако претходно го направи тоа Волфсбург против шведски Тиресо во 2014 година.
Поп го израмни рекордот на Ада Хегерберг за постигнати голови во четири финалиња на ЛШ. Волфсбург, кој го претрпи четвртиот последователен пораз во финале на Лигата на шампионите по поразите од Лион во 2016, 2018 и во 2020 година, го освои трофејот во неговите први две европски сезони, во 2013 и во 2014 година.