Вечерашниот меч (од 20.45 часот, арена „Тодор Проески“) ќе биде шести меѓусебен меч на двете репрезентации, трет во Скопје (во претходните два Англија победи со 2-1 во 2003 година и со 1-0 во 2006 година)

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје, со мечот со селекцијата на Англија (од 20.45 часот, арена „Тодор Проески“) во групата Ц ги заокружува квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија. Вечерашниот меч ќе биде шести меѓусебен дуел на Македонија и на Англија, трет во Скопје. Во претходните две средби во Скопје, Англија победи со 2-1 во 2003 година (стрелци Ѓорѓи Христов за Македонија и Вејн Руни и Дејвид Бекам за Англија) и со 1-0 во 2006 година (стрелец Питер Крауч).
Во претходното коло од квалификацискиот циклус за ЕП 2024, во петокот, Македонија гостуваше во Рим, каде што загуби од Италија со 2-5, а Англија дома, во Лондон, ја совлада Малта со 2-0. Англија од септември е пласирана на ЕП 2024, го обезбеди првото место во групата, но се трка и за влез меѓу најдобрите пет селекции што ќе бидат сместени во првиот барабан за ждрепката на групите на континенталното првенство в година, нешто што по средбите во саботата го обезбедија Португалија и Франција, како и домаќинот Германија. Италија вечерва игра со Украина во решавачки меч за двете селекции за пласман на континенталното првенство од групата Ц.
На дуелот во Рим, Италија поведе во првото полувреме со 3-0, во меѓувреме Столе Димитриевски го одбрани ударот од пенал на Жоржињо, во вториот дел црвено-жолтите со двата гола на Јани Атанасов намалија на 2-3, а пред крајот на мечот Италија постигна уште два гола. Н.М.