Светската фудбалска федерација потсетува на некои претходни дуели на пет континенти, од квалификациите за СП во 1970, 1974, 2006, 2010 и во 2018 година, во пресрет на плејофот в четврток и во вторник за пласман на Мундијалот годинава
ФУДБАЛ – ФИФА
Во пресрет на плејоф-мечевите за пласман на Светското првенство (СП) 2022 во Катар неделава, Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница потсетува на пет селекции што неочекувано ги поминаа нокаут-мечевите и се пласираа на некои претходни СП.
Азија: Пред СП 2010, Саудиска Арабија веќе имаше четири настапи на најголемата сцена. На последниот меч во групата Ц, на Саудиска Арабија ѝ беа потребни три бода, а на гостите, Северна Кореја, еден бод. Домаќините создадоа голем број шанси, но корејскиот голман бранеше сѐ. Мечот заврши без голови, што беше доволно за прв настап на С. Кореја на СП по 44 години.
Африка: Друго големо изненадување во фудбалот се случи во октомври 2005 година, по победата на Того над Конго за заверка на првото учество на СП. Успехот на Того, кој беше во група со фаворитот Сенегал, кој, пак, стигна до четврт-финалето на претходното СП во 2002 година, се должи токму на резултатите против Сенегал, на победата дома со 3-1 и ремито на гости, 2-2. Того освои 23 бода, два повеќе од Сенегал, и си обезбеди место на СП 2006.
Северна Америка: Речиси никој не можеше да го предвиди тоа, но на 11 октомври 2017 година, Панама го обезбеди првото учество на СП. По само неколку дена од поразот на гости од САД, со 0-4, на мечот со Костарика дома, Панама по првите 45 минути губеше со 0-1. Но во вториот дел, во 52-та минута, Панама израмни преку централниот дефанзивец Роман Торес, кој две минути пред крајот на средбата постигна уште еден гол и стана национален херој. Претседателот на земјата тој ден го прогласи за државен празник. Тоа значеше и дека САД првпат по 32 години не се квалификуваа на СП.
Јужна Америка: Јужноамериканските квалификации за СП 1970 влегоа во историските книги, оти тоа беше прв и единствен пат Аргентина да не се пласира на СП. Таа беше фаворит во групата со Боливија и со Перу, откако играше на шест претходни СП, во споредба со двата настапа на Боливија и еден на Перу. Но Аргентина забележа една победа на првите три меча, па ѝ беше потребна победа над Перу во последниот дуел од тие квалификации, во Буенос Аирес, за пласман на СП 1970. На Перу, предводен од Теофило Кубилјас, му беше доволно и реми. Возбудливиот меч на 31 август 1969 година заврши 2-2, а Кубилјас и целата репрезентација станаа национални херои.
Европа: Англија, светскиот првак од 1966 година во квалификациите за СП 1974, го претрпи веројатно најголемиот неуспех. На стадионот „Вембли“ на 17 октомври 1973 година, на Англија ѝ требаше победа на мечот со Полска. Во пресрет на дуелот, легендарниот англиски менаџер Брајан Клаф го опиша полскиот голман Јан Томашевски, во жолт дрес, црвени шорцеви и бели чорапи, како „циркуски кловн во ракавици“. Но последен се смееше Томашевски, кој одбрани сѐ што му шутнаа Англичаните. Полска дојде во водство во 55-та минута преку Јан Домарски, домашните израмнија преку Алан Кларк од пенал во 63-та минута, но не постигнаа победнички гол. Статистиката по мечот покажа дека Англија упатила 35 удари, извела и 26 корнери, а Полска упати само два удара. „Се сеќавам на последното нешто што ни го кажа нашиот селектор Казимиерж Горски: ’Можеш да играш 1.000 пати за репрезентацијата и никој нема да те памети. Но, вечерва, во еден натпревар, имате шанса вашите имиња да се најдат во историските книги‘. Беше во право“, изјави Томашевски.