Свои претставници во осминафиналето ќе имаат Англија, Португалија, Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Германија и Италија. Осминафинале со екипи од осум земји имаше и лани, како и во уште седум други сезони, а рекордна останува сезоната 2015/2016, кога меѓу 16-те најдобри тима беа клубови од 10 земји
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Рекорден деветти пат во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе има клубови од осум земји, откако оваа фаза со 16 најдобри тима се игра од сезоната 2003/2004, во натпреварувањето ребрендирано како ЛШ во 1992 година. Синоќа се комплетира составот со сите тимови што ќе играат за трофејот сезонава, а во таа рунда на најсилното клупско фудбалско натрпеварување во Европа сезонава ќе има тимови од Англија, Португалија, Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Германија и од Италија.
По лигашката фаза и мечевите од плејофот во вторникот сигурни осминафиналисти се Ливерпул, Арсенал, Астон вила (Англија), Бенфика (Португалија), Барселона, Атлетико Мадрид (Шпанија), Лил (Франција), Клуб Бриж (Белгија), Феенорд (Холандија), Баер, Баерн (Германија) и Интер (Италија).
Синоќа за влез во осминафиналето играа и француските екипи Пари сен Жермен и Брест (прв меч 3-0), потоа шпанскиот Реал Мадрид и англискиот Манчестер сити (3-2), холандскиот ПСВ Ајндховен и италијанскиот Јувентус (1-2), како и германската Борусија Дортмунд и португалскиот Спортинг (3-0).
Осминафинале со екипи од осум земји имаше и во минатата сезона, како и во сезоните 2021/2022, 2014/2015, 2013/2014, 2009/2010, 2006/2007, 2005/2006 и 2003/2004. Засега рекордна останува сезоната 2015/2016, кога во осминафиналето настапија клубови од 10 земји, а најмалку имало во сезоната 2019/2020, кога настапиле клубови од пет земји.
Сезонава во лигашката фаза на реформираната Лига на шампионите (првпат настапија 36 клуба во една лига, наместо 32, поделени во осум групи) играа клубови од 16 земји, а претходно имаше шест сезони во кои настапуваа тимови од рекордни 18 земји.
По средбите во вторникот се оформија и првите четири групи пред утрешната ждрепка, па, така, Клуб Бриж ќе игра со Астон вила или со Лил, Бенфика со Барселона или со Ливерпул, Баерн со Баер или со Атлетико Мадрид и Феенорд со Интер или со Арсенал. Н.М.
ЛШ, ПЛЕЈОФ ЗА ВЛЕЗ ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО
ДВОЈКА РЕВАНШ ПРВ МЕЧ
Милан – Феенорд 1-1 0-1
Аталанта – Клуб Бриж 1-3 1-2
Баерн – Селтик 1-1 2-1
Бенфика – Монако 3-3 1-0
ПСЖ – Брест синоќа 3-0
Реал М. – Манчестер с. синоќа 3-2
ПСВ – Јувентус синоќа 1-2
Борусија Д. – Спортинг синоќа 3-0
директен пласман во осминафиналето обезбедија Ливерпул, Барселона, Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид, Баер, Лил и Астон вила