Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Годинашниот Мундијал за фудбалерки се игра во Австралија и во Нов Зеланд, од 20 јули

Најголемите таленти во фудбал за жени ќе настапат на Светското првенство (СП) во Австралија и во Нов Зеланд од 20 јули, Алекс Морган игра за третата по ред светска титула со САД, Англичанката Луси Бронзе сака да стане шампионка откако славеше на Европското првенство (ЕП) лани, Ада Хегерберг ќе ги носи надежите на Норвешка, а Алексија Путејас од Шпанија се врати по повредата што ја оддалечи од терените речиси 10 месеци и ја исклучи од ЕП, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Во продолжение за 10 од најдобрите фудбалерки на годинашниот турнир, во избор на АП.
Алекс Морган (САД). Таа четврти пат ќе игра на СП, веќе е двократна победничка, освојувачка на златен медал на ЛОИ и една од најголемите ѕвезди во историјата на фудбалот за жени. Ниту една машка или женска репрезентација никогаш не го освоила СП трипати по ред. Морган е четирикратната играчка на годината во КОНКАКАФ, го одигра својот 200-ти натпревар за својата земја лани, беше победничка во Лигата на шампионите (ЛШ) со Лион.

Кристин Синклер (Канада). Ниту еден фудбалер или фудбалерка нема постигнато повеќе меѓународни голови од 190-те на Синклер за нејзината земја. Таа е подготвена да настапи на шестото СП на 40-годишна возраст и останува решена како и секогаш да постигне повеќе. Таа се спротивстави на искушението да замине во фудбалска пензија откако Канада го освои олимпиското злато во Токио во 2021 година. Тоа беа нејзините четврти ЛОИ. Синклер е четиринаесеткратна канадска фудбалерка на годината. За репрезентацијата настапи 319 пати. Во нејзината колекција недостига златен медал од СП.

Сем Кер (Австралија). Првата што постигна хет-трик за Австралија на СП за мажи или за жени, Кер може да биде кандидатка за освојување на златната копачка на СП 2023. Таа постигна пет во 2019 година и беше водечки стрелец на Купот на Азија во 2022 година со седум гола. Кер е најдобар стрелец на Австралија на сите времиња, надминувајќи го Тим Кејхил со вкупно 63 гола. Капитенката на Австралија е навикната на титули со Челси, беше прогласена за фудбалерка на годината во Англија во претходните две сезони.

Венди Ренар (Франција). Како дел од победничкиот тим на Лион, Ренар освои 16 титули во француската лига и осум во ЛШ, плус уште 10 француски купа. Ренар, веројатно најголемата француска фудбалерка, се чинеше дека ќе отсуствува од ова Светско првенство откако во февруари објави дека се повлекува од националниот тим, но беше повикана од новиот селектор Ерв Ренар, што значи дека ќе се врати во одбраната додека нејзината репрезентација се обидува да ја освои светската титула.

Ада Хегерберг (Норвешка). Мерка за реткиот талент на Хегерберг е тоа што таа е опишана како одговор на женскиот фудбал на Лионел Меси. Таа е одличен стрелец, нејзините вкупно 59 гола во ЛШ се рекорд за ова натпреварување. Таа има просек од повеќе од еден гол по натпревар за нејзиниот клуб Лион, освојувајќи осум титули во француската лига и шест во ЛШ. Хегерберг беше првата добитничка на „златната топка“.

Марта (Бразил). Таа имаше операција на коленото лани, што доведе до 11-месечно отсуство од националниот тим, Марта (37) досега нема титула на СП. Навивачите на Бразил, веројатно, ќе бидат загрижени за кондицијата на Марта. Како најдобар стрелец на нејзината земја на сите времиња со 117 гола, таа може да биде од витално значење за надежите на Бразил.

Дебиња (Бразил). Потребен е посебен играч за да го носи дресот со бројот девет на Бразил и Дебиња е достојна за таа чест. Двократната победничка на Копа Америка, исто така, ја претставуваше својата земја на СП 2019 и на две ЛОИ. Таа е стрелец од врвна класа, има брзина и креативност и обезбедува врвна предност за Бразил.

Алексија Путејас (Шпанија). Двократната освојувачка на „златната топка“ го пропушти ЕП 2022 поради повреда на коленото, само неколку дена пред турнирот. Таа ја освои ЛШ со Барселона во јуни. Повредата ја оддалечи Путејас речиси 10 месеци и таа има само шест настапи за Барса сезонава. Нејзиното присуство им дава шанса на навивачите да ја гледаат една од најдобрите фудбалерки во светот. Путејас ѝ помогна на Барселона да дојде до две титули во ЛШ за три години и седум круни во шпанската лига.

Александра Поп (Германија). Германската напаѓачка стана првата фудбалерка што постигнала гол во пет последователни натпревари на Европското првенство лани и погоди вкупно шест пати за да ја однесе својата селекција во финалето, во кое не настапи, откако се повреди за време на загревањето. Нејзините трофеи вклучуваат три титули во ЛШ, седум во германската лига и едно олимписко злато во 2016 година.

Луси Бронз (Англија). Серискиот освојувач на трофеи конечно ја вкуси славата на едно големо меѓународно натпреварување на минатогодишното ЕП. Десниот бек има седум шампионски титули во три различни земји со Ливерпул, Манчестер сити, Лион и со Барселона. Таа се упатува кон СП 2023 по освојувањето на шпанската титула и ЛШ (четврти пат) со Барселона. За 10 години од нејзиното деби во Англија, таа одигра 103 меча и се етаблира како една од најдобрите фудбалерки во светот.