Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Тоа мора да дојде. Ги имате лекарите на теренот, кои се обидуваат да купат малку време. Ако можат, ќе го тргнат од теренот на десет минути, да го проценат, да се внесе во игра друг и потоа да одлучат, наместо да бидат под огромен притисок на теренот. Што чека ИФАБ? Направете го тоа сега, рече Ширер за привремените замени во фудбалот

Алан Ширер повика на итно воведување привремени замени на фудбалери поради потрес на мозокот, откако на дефанзивецот на Велс, Неко Вилијамс, првично му беше дозволено да игра по повреда на главата на мечот пред неколку дена со Англија, на Светското првенство во Катар. Вилијамс беше замаен и падна во првото полувреме на мечот од групата Б, откако со главата го блокира моќниот удар на Маркус Рашфорд, пишува британски „Индепендент“. Тој доби третман на теренот, а потоа продолжи пред да биде заменет од Конор Робертс.
Добротворната организација за повреди на мозокот „Хедвеј“ го критикуваше справувањето со ситуацијата, а поранешниот капитен на Англија, Ширер, го повика Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ) да донесе брза промена. ИФАБ е тело што ги одредува правилата на игра во фудбалот.
– Тоа мора да дојде. Би му рекол на ИФАБ што чекате, затоа што сите се под притисок. Ги имате лекарите на теренот, кои се обидуваат да купат малку време. Ако можат, ќе го тргнат од теренот на 10 минути, да го проценат, да се внесе во игра друг и потоа да одлучат, наместо да бидат под огромен притисок на теренот. Што чека ИФАБ? Направете го тоа сега – рече Ширер, говорејќи за „Би-би-си“ за привремените замени во фудбалот.
Вилијамс беше оценуван од медицинскиот персонал на стадионот откако беше совладан од моќниот шут на Рашфорд, но, и покрај тоа, тој не го напушти теренот веднаш. Во соопштението објавено од „Хедвеј“ за време на натпреварот се критикуваше недостигот од акција од раководните тела на играта за да се осигури дека играчите се соодветно заштитени.
– Ова е втор случај на ова Светско првенство каде што здравјето на мозокот на еден играч не е приоритетно. Медицинските лица се принудени да донесуваат брзи процени под притисок, што резултира со тоа што на играчите им е дозволено да останат на теренот и покрај претпоставеното присуство на барем одреден сомнеж за потенцијален потрес на мозокот. Одбивањето на ФИФА и на ИФАБ да воведат правило за привремена замена при потрес на мозокот предизвикува непотребен ризик за играчите. Правилото треба да биде „ако се двоумиш, седни надвор“, а не „играј и види како ќе оди“ – пишуваше, меѓу другото, во соопштението, пренесе „Индепендент“.
Актуелното правило дозволува да се направи трајна замена ако играчот претрпи повреда на главата, без оглед на бројот на замени што тимот веќе ги искористил (еден тим има право на пет замени, а во ваков случај би имал право и на шеста).