Нови 12 кандидати за влез во осминафиналето

По четвртото коло, осминафиналисти се Баерн, Клуб Бриж, Манчестер сити, Наполи и Реал Мадрид, а во петтото коло за влез меѓу 16-те најдобри ќе играат Бенфика, Челси, Борусија Д., Интер, Лајпциг, Ливерпул, Марсеј, ПСЖ, Порто, Салцбург, Спортинг и Тотенхем

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ПЕТТО КОЛО ДЕНЕСКА И УТРЕ

По четвртото коло во фудбалската Лига на шампионите во осминафиналето се пласираа пет екипи, а по мечевите денеска и утре во петтото коло, во трка за влез меѓу 16-те најдобри тима сезонава се вкупно 12 тима.
Сигурни осминафиналисти се Баерн, Клуб Бриж, Манчестер сити, Наполи и Реал Мадрид, а во петтото коло тие ќе играат и за да ја обезбедат првата позиција во групата, што во ждрепката носи противник од тимовите на вторите позиции во групите.
По петтото коло пласман во осминафиналето можат да обезбедат Бенфика, Челси, Борусија Дортмунд, Интер, Лајпциг, Ливерпул, Марсеј, ПСЖ, Порто, Салцбург, Спортинг и Тотенхем. Од тие што не можат да стигнат до осминафиналето на Лигата на шампионите, но можат да го освојат третото место и да продолжат со настапите во Лига Европа се Селтик, Плзен, Ренџерс…, пишува, меѓу другото Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Од 12-те екипи што се кандидати за пласман меѓу 16-те најдобри, сезонава седум тима решаваат сами и не зависат од резултатите на конкурентите, и тоа Ливерпул ако не загуби од Ајакс на гости, а со победи сигурни осминафиналисти се Интер (игра со Плзен дома), Тотенхем (дома со Спортинг), Челси (на гости со Салцбург), Борусија Дортмунд (дома со Манчестер сити), ПСЖ (дома со Макаби) и Бенфика (дома со Јувентус). За овие тимови во игра за пласман понатаму се и други резултати во петтото коло, но тогаш зависат од резултатите на ривалите. Лајпциг, Марсеј, Порто, Салцбург и Спортинг, пак, можат да стигнат до осминафиналето со победи и со соодветен поволен резултат за нив во другите мечеви во нивните групи.


ДВОЈКИ

ДЕНЕСКА
Група Е: Салцбург (6) – Челси (7), Динамо З. (4) – Милан (4)
Група Ф: Селтик (1) – Шахтер (5), Лајпциг (6) – Реал Мадрид (10)
Група Г: Севилја (2) – Копенхаген (2), Борусија Д. (7) – Манчестер с. (10)
Група Х: ПСЖ (8) – Макаби Х. (3), Бенфика (8) – Јувентус (3)

УТРЕ
Група А: Наполи (12) – Ренџерс (0), Ајакс (3) – Ливерпул (9)
Група Б: Клуб Бриж (10) – Порто (6), Атлетико М. (4) – Баер (3)
Група Ц: Интер (7) – Плзен (0), Барселона (4) – Баерн (12)
Група Д: Тотенхем (7) – Спортинг (6), Ајнтрахт (4) – Марсеј (6)

во заградите е бројот на освоени бодови по 4. коло