Фото: Игор Бансколиев

Англија ја почна сезоната со седум тима и сите продолжуваат понатаму во куповите во кои ја почнаа сезоната. По седум тима напролет ќе имаат и Германија и Италија, но Германија има еден елиминиран и еден тим што го смени купот, а Италија има два што испаднаа еден ранг подолу. Шпанија почна со седум, еден е елиминиран, два сменија натпреварување, а Франција во почетокот имаше пет тима, еден ја заврши европската сезона

Во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија), само фудбалските клубови од Англија имаат стоотстотен ефект во европските клупски натпреварувања сезонава. Сите седум тима ги поминаа групите и сите што ја почнаа сезоната продолжуваат со играње и напролет во купот во кој и се натпреваруваа.
Така, Челси, Манчестер сити, Тотенхем, Ливерпул остануваат во Лигата на шампионите (ЛШ), Арсенал и Манчестер јунајтед во Лига Европа (ЛЕ), а Вест хем во Конференциската лига (КЛ). Од нив, пет тима беа први во своите групи (Челси, Манчестер сити, Тотенхем, Арсенал и Вест хем).
Од другите земји, Германија имаше осум тима, Келн ја заврши сезоната (играше во КЛ), а Баер од ЛШ се префрли во ЛЕ. Другите ќе играат таму каде што играа, и тоа Баерн, Борусија Д., Лајпциг и Ајнтрахт во ЛШ, а Фрајбург и Унион Берлин во ЛЕ.
Италија нема елиминиран тим од Европа, но два го сменија натпреварувањето, Јувентус од ЛШ во ЛЕ, а Лацио од ЛЕ во КЛ. Од другите, Интер, Милан и Наполи остануваат во ЛШ, Рома во ЛЕ, а Фиорентина во КЛ.
Шпанија остана без еден тим, откако Атлетико е елиминиран од Европа, со освојувањето на четвртото место во групата во ЛШ. Од другите, Реал Мадрид ќе игра во ЛШ, Барселона и Севилја се префрлија во ЛЕ, каде што се Бетис и Сосиедад, а Вилјареал е во КЛ.
Од клубовите од Франција, елиминиран од Европа е Марсеј (играше во ЛШ), а другите ќе играат таму каде што ја почнаа сезоната, ПСЖ продолжува во ЛШ, Нант и Монако во ЛЕ, а Ница во КЛ.

По сѐ, Англија, Италија и Германија во следната рунда влегуваат со по седум тима, Шпанија со шест, а Франција со четири.
Англиските клубови имаа големи успеси во претходните пет сезони, откако Ливерпул и Челси ја освоија европската титула, Ливерпул настапи во уште две финалиња, а Тотенхем и Манчестер сити во по едно. Во ЛЕ, пак, Челси победи еднаш, а финалисти беа и Арсенал и Манчестер јунајтед. Вкупно во двете натпреварувања девет финалисти за пет сезони, а во сезоната 2018/2019 сите четири финалисти во тогашните два европски купа беа од Англија. Во тие пет сезони шпанските екипи, пак, имаа пет финалисти и пет освоени трофеи, два во ЛШ (Реал Мадрид) и три во ЛЕ (Атлетико М., Севилја и Вилјареал).
Клубовите од Белгија се чини се најпријатните изненадувања сезонава, откако првакот Клуб Бриж се пласира во осминафиналето на ЛШ (втор клуб од Белгија со таков успех, по Гент), а вицешампионот Унион СГ во дебитантската сезона во европските купови на УЕФА се најде во осминафиналето на Лига Европа, откако сезоната ја почна во квалификациите за ЛШ.
Сите три минатогодишни победници во европските купови остануваат во трка за нови трофеи, Реал Мадрид за уште еден во ЛШ, Ајнтрахт лани победи во ЛЕ, сега е во конкуренција за пехарот во ЛШ, а Рома, победникот на првата сезона на КЛ, сезонава е во трка за трофејот во ЛЕ.


СЕЗОНАВА ВО ОДНОС НА ЛАНИ
Поефикасно, повеќе земји имаат тимови во нокаут-фазата…

Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) продолжуваат да играат 16 екипи од седум земји, во Лига Европа (ЛЕ) ќе има 24 тима од 13 држави, а во Конференциската лига (КЛ) 24 екипи од 20 земји. Вкупно, сезоната ја продолжуваат 64 екипи од 23 земји-членки на Европската фудбалска унија. Во минатата сезона, прва во која имаше и трет европски куп, КЛ, во нокаут-фазата играа, исто така, 64 екипи, но од 22 земји.
Сезонава се одигра поефикасна групна фаза во споредба со лани, кога беше воведено третото клупско натпреварување. Така, во минатата сезона беа постигнати вкупно 812 гола во групната фаза во трите европски купа, а годинава 830 погодока.
Во ЛШ напролет ќе играат тимови со вкупно 43 европски титули од 66 можни, а во ЛЕ клубови со уште 16. Продолжението на сезоната и во ЛЕ ќе биде доста силно, откако понатаму се пласираа моментно водечките тимови во Англија и во Германија, Арсенал, односно Унион Берлин, првите два тима досега сезонава во Холандија, Ајакс и ПСВ Ајндховен (двата поранешни европски шампиони), Севилја (најтрофеен тим во ЛЕ), некогашните континентални прваци Барселона, Јувентус, Манчестер јунајтед и Феенорд (финалист на КЛ во минатата сезона), Рома (актуелен победник на КЛ)…