Фото: Игор Бансколиев

„Скај спорт“ ја испитува иднината на трансферите на фудбалерки и на факторите што би овозможиле и одржале финансиски раст

Јануарскиот преоден рок беше само најава за она што е зад аголот за фудбалот за жени, со големи трансфер-суми во претстојните изданија, при што еден водечки агент предвидува значаен прв трансфер од еден милион фунти во следните 12-18 месеци, пишува „Скај спорт“. И тоа не е сѐ. Додека фудбалот беше сведок на астрономски раст, експертот за спортски финансии „Делоит“ проценува дека фудбалот за жени ќе достигне една милијарда во наредните години, бидејќи зголемената посетеност, комерцијализацијата и зделките за ТВ-преноси продолжуваат да одат во нагорна линија. „Скај спорт“ ја испитува иднината на трансферите на фудбалерки и на факторите што би овозможиле и одржале финансиски раст.
Манчестер јунајтед во јануарскиот преоден рок ја затвори вратата на обидите на Арсенал да ја ангажира англиската репрезентативка Алесија Русо, во она што би било светски рекорд за трансфер во женскиот фудбал, за кој се смета дека е само малку помал од половина милион, бројка што би ги надминала 400.000 фунти што Барселона му ги плати на Манчестер сити за фудбалерката од средниот ред Киера Волш во минатиот септември, пишува „Скај спорт“. Сепак, Јунајтед не ја задржа една од своите ѕвезди, која во јуни замина од Англија. Поранешната плејмејкерка на Арсенал, Џил Рорд стана британска рекордерка за трансфер летово, кога од Волфсбург потпиша за Манчестер сити за 300.000 фунти, а Пернил Хардер (250 илјади фунти во Челси, 2020 година) и Лорен Џејмс (200 илјади фунти во Челси, 2021 година) исто така ги имаа најголемите трансфери од фудбалерките во претходните години. Тие бројки, сепак, ќе станат безначајни во следната година откако еден водечки агент го предвидува толку очекуваниот трансфер од еден милион фунти во следната година или дури во летниот прозорец годинава.

– Мислам дека во следните 12-18 месеци ќе го видиме првиот трансфер од еден милион фунти, тоа би можело да се случи летово, мислам дека навистина не сме далеку од тоа – вели за „Скај спорт“ фудбалскиот агент и извршен директор на „Некст-ген“, Рис Ленд, кој има 20-30 клиентки во Англија.
Поранешната плејмејкерка на Англија, Манчестер сити и на Евертон, Џил Скот, одигра 161 натпревар за Англија пред да се пензионира по успехот на Англија на ланското Европско првенство. Таа забележа трансформација на играта во текот на својата кариера и верува дека претходните неколку години покажаа дека сѐ е можно сега кога станува збор за женскиот фудбал.
– Ако погледнете каде е сега и погледнете назад 10-15 години, тимовите не беа ниту професионални. Ако ја погледнете публиката, имаме 50.000 луѓе што одат на некои првенствени мечеви, а пред 10-15 години тоа можеше да биде до 200 луѓе. Кога ќе го погледнам тоа и ќе ги погледнам овие други достигнувања, се чувствуваме како да можеме да пробиеме сѐ, ако тоа е трансфер од еден милион фунти во следната сезона, но мислам дека треба само да внимаваме да не одиме премногу брзо, затоа што мора да се погрижиме дека сѐ е одржливо и дека правиме сѐ правилно – рече таа.
Легендата на Арсенал и на Англија, Кели Смит, која постигна 46 гола на 117 меѓународни настапи, се согласува со Скот.
– Кој би помислил на гласините околу потписот на Русо од Арсенал за околу 450.000 фунти и на хонорарот на Кира Волш нешто под тоа. Тоа е типот на квалитет на играч што го гледаме во Англија. Се зборува дека Русо не се пресели во Арсенал во јануари бидејќи Манчестер јунајтед не сакал да му ја продаде на ривал. Пред неколку години ќе се случеше тоа, бидејќи парите им требаа на клубовите. Во поново време се зборуваше за тоа дека Ада Хегерберг потенцијално ќе се пресели од Лион во Барселона – изјави Смит за „Скај спорт“.
Се смета дека Хегерберг е цел број 1 на шпанскиот гигант летово и покрај двете одбиени понуди во претходните 12 месеци, бидејќи тие сакаат да го зајакнат тимот, во кој се Луси Бронз од Англија, двократната добитничка на „златната топка“, Шпанката Алексија Путелас и норвешкото крило Каролин Греам Хансен. Клубовите сега ќе ја разгледуваат комерцијалната вредност што играчот може да му ја донесе на клубот, според Нилс Нилсен од Манчестер сити, кој му се приклучи на клубот во мај како директор на фудбалот.
– Има многу маркетинг-работи што се вклучени во тоа колку можеш да платиш за играч. Ако го земете примерот на Лионел Меси и на Кристијано Роналдо, тие чинат многу, не само затоа што се добри туку и затоа што клубовите не се плашеа да потрошат многу пари на нив затоа што знаеја дека ќе ги вратат само со комерцијални работи. Се надевам дека некои од девојките ќе бидат толку големи што ќе можат да го прават истото тоа. Им користи и тоа што можат да добијат поголема плата, да добијат поголем трансфер за клубовите – вели Нилсен за „Скај спорт“.

ФУДБАЛОТ ВО ЦЕЛИНА ЌЕ ДОСТИГНЕ НОВИ ВИСОЧИНИ

Додека трансферите стануваат растечки извор на приходи за клубовите, има и други фактори што треба да се земат предвид, како што објаснува за „Скај спорт“ Зои Бартон, директорка во „Спорт бизнис груп“ на „Делоит“ во Велика Британија, која помогна да се создаде првата фудбалска лига на пари во фудбалот за жени во почетокот на годинава.
– Слично на фудбалот за мажи, трансферите и понатаму ќе бидат огромен дел од стратегијата за приходи за клубовите и трансфер-пазарот и пристапот кон трансферите ќе треба навистина внимателно да се разгледа. Постојат неколку различни елементи што треба да се земат предвид кога зборуваме за фудбалот за жени. Првиот е околу правилата за таленти во странство. Во моментов правилата во Велика Британија се дека од фудбалерките се бара да освојат вкупно 24 поени во пет различни категории за да добијат спонзорство, а за талентот кај мажите се потребни само 15 поени. Потоа, треба да размислите што сакаат фудбалерките. Една од клучните работи што ги видовме, која е различна, е перспективата на спортистот. Така, тие може да бидат полојални, може да имаат различни ставови во однос на тоа што сакаат да добијат од својата кариера и од клубовите за кои играат. Значи, пристапот за трансфер нема да се однесува само на парите и на нивната цена. Исто така ќе станува збор за тоа што една фудбалерка сака од својата кариера – рече Бартон.
Извештајот на „Делоит“ за фудбалот за жени, кој ги разгледуваше 20-те најдобри клуба што генерираат приходи во светот, покажа просечен приход од 2,1 милиони фунти за сезоната 2021/2022, пред успехот на Англија на ЕП, при што Барселона генерира најголем приход со 6,8 милиони фунти, потоа се Манчестер јунајтед (5,3 милиони фунти) и Манчестер сити (4,5 милиони фунти). Челси, кој ја освои својата четврта последователна англиска титула лани, беше седми на табелата (1,6 милион фунти), зад ПСЖ, Арсенал и Тотенхем. Многу други клубови во меѓувреме уште работат со загуба, но можностите и доброто владеење би можеле да одржат конкурентна лига, како што рече Бартон.
– Другиот агол што треба да се погледне е дека некои од клубовите што немаат врска со машкиот тим можеби ќе бидат попривлечни за инвеститорите што сакаат да инвестираат во женскиот фудбал или во женскиот спорт – вели тој.
Се предвидува дека фудбалот во целина ќе достигне нови финансиски височини, а „Делоит“ проценува дека вреди 10 цифри.
– Кога го погледнавме поширокиот пазар за женски спортови, нашето предвидување за 2020/2021 беше дека верувавме дека женскиот спорт може да порасне и да вреди повеќе од една милијарда во годините што следуваат – вели Бартон.

ГЛАВНИ СТАДИОНИ, МАРКЕТИНГ-ПЛАН…

Бројката може да биде интересна, но за многумина што работат во фудбалот задржувањето и растот на гледачите остануваат клучни за одржување на женскиот фудбал на вистинскиот пат. За фудбалскиот агент Ленд, стратегија околу користењето на главните стадиони и проактивен маркетинг-план се од витално значење.
– Единствениот начин на кој женскиот фудбал некогаш ќе стане самоодржлив и ќе го намали тој јаз е кога стадионите ќе станат полни секоја недела. Знам дека раководните тела сакаат да користат големи бројки и да кажат: „Го соборивме овој рекорд на посетеност и потоа овој рекорд на посетеност“, но тоа не е одржлив бизнис-модел. Во однос на тоа што можеме да направиме за да го поправиме, потребни ни се зголемен број седишта – вели тој.
Поранешната селекторка на Англија, Хоуп Пауел, која неодамна му се приклучи на Бирмингем како техничка директорка, исто така е загрижена поради зголемувањето на трошоците за платите и јазот што продолжува да се проширува во фудбалот за жени.
– Само се надевам дека врвот на играта нема да се оттргне од базата, која е иднината. Сите фудбалерки на Англија, секоја репрезентативка дојде преку грасрут-програма. Сите тие играа како деца во парк, на училиште. Фактот дека сега женската игра е професионална е одличен и е она што сите го посакувавме. Но, ако сте професионалец што заработува 20.000 фунти годишно, како живеете? Знаете, не е одржливо некој да остане во фудбалот. Доста често играчите се професионални фудбалерки и, сепак, имаат некоја работа. Значи, мораме да се погрижиме како професионални фудбалерки да можете да живеете и да го правите тоа како ваша работа со полно работно време. Мислам дека уште не сме сосема таму. Платите се подобри од кога било. Фактот дека младите девојки сега можат да се стремат да бидат професионални фудбалерки е фантастичен. Тоа беше мојот сон. Но треба само да се погрижиме играта да не се одвои – вели Пауел, која ја водеше Англија до две четвртфиналиња на светските првенства и ја водеше репрезентацијата на Велика Британија на ЛОИ 2012 за време на својата 15-годишна кариера во ФА. Н.М.