Фото: Игор Бансколиев

Македонија и македонскиот народ се соочуваат со перманентен предизвик на сѐ погласно негирање на македонскиот јазик. Во тој пакет се негираат сите други македонски национални особености – историја, култура, обичаи и слично.
Со ваква констатација и јасна порака до јавноста дека ваквите состојби треба да бидат запрени, бидејќи се надвор од сите меѓународноправни прописи и демократски принципи на современите општества, во јавноста излегуваат повеќемина универзитетски професори и интелектуалци

Зошто со шизофрена упорност продолжуваат атаките кон нашиот јазик,култура, историја…

Македонија повторно минува низ екстремно драматични моменти од своето постоење. Овој пат Македонија не е соочена со воена агресија од соседството, како пред нешто повеќе од дваесетина години, кога таквиот чин на агресија беше помогнат од внатрешни екстремистички милитанти и чија цел беа територија и отцепување. Овој пат Македонија и македонскиот народ се соочуваат со предизвикот на сѐ погласно негирање на македонскиот јазик, а во пакет се негираат сите други македонски национални особености – историја, култура, обичаи и слично. Со ваква констатација и јасна порака до јавноста дека ваквите состојби треба да бидат запрени, бидејќи се надвор од сите меѓународноправни прописи и демократски принципи на современите општества, во јавноста излегуваат повеќемина универзитетски професори и интелектуалци. Поттикнати од ставовите на Софија дека постојат одредени пречки што, меѓу другото, го вклучуваат и македонскиот јазик во интегративниот процес кон ЕУ за Македонија, нашите соговорници нагласуваат дека за македонскиот јазик не може и не смее да има пречка во текот на интегративниот процес на Македонија со Европската Унија, бидејќи македонски јазик егзистира во научната и светската јавност повеќе од еден век. Поаѓајќи од посочените документи, кои дури и во ЕУ минале „незабележително“, во кои од македонската држава беше побарано да се откаже од користењето на терминот „македонски јазик“ или, ако тоа е неопходно, секогаш да оди со фуснота со неговото значење „во согласност со Уставот на Република Северна Македонија“, нашите соговорници уште еднаш гласно им укажуваат на домашната и светската јавност за шизофрените обиди за деноминацијата на македонскиот народ, јазик, култура, историја…

Македонскиот јазик е еден од најбалканските јазици во балканскиот јазичен сојуз

Во однос на бугарските тврдења за непостоењето на македонскиот јазик, експертите посочуваат дека овие ставови немаат реална основа. Според проф. д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, македонскиот јазик, како секој стандарден национален јазик, ги има развиено сите потребни функционални стилови што ги има секој стандарден јазик.
– За македонскиот јазик, научниците и лингвистите велат дека е јазик што има словенска лексика, но балканска граматика. Македонскиот јазик е еден од најбалканските јазици во балканскиот јазичен сојуз – вели Јачева-Улчар.
Универзитетски професори и интелектуалци обрнуваат внимание и дека покрај негирањето од страна Бугарија, македонскиот јазик истовремено се соочува и со суптилно наметнување тенденции за т.н. непопуларност на јазикот меѓу младата македонска генерација, како и за сѐ помал број на говорители. Доколку се земе предвид дека македонскиот јазик се соочува со негирање од страна на земја-членка на ЕУ, како и опаѓањето на бројот на оние што го говорат македонскиот јазик, експертите велат дека е потребна национална стратегија околу која ќе се обедини македонското општество. Според проф. д-р Елка Јачева-Улчар, потребно е економско закрепнување на Македонија за да се спречи заминувањето на младите, бидејќи на еден жив јазик му се потребни борци, односно говорители на македонскиот јазик.

Дијаспората е жива

Елка Јачева-Улчар на прашањето за македонскиот јазик и македонскиот идентитет воопшто, деновиве се наврати на промоцијата на книгата на Иван Трпоски, со наслов „Од архивата на Македонското литературно друштво ’Григор Прличев‘ во Сиднеј“, која излезе од печат по повод 45-годишнината од постоењето на друштвото.
Во своето пригодно обраќање, професорката укажа дека Македонија деновиве ги живее најдраматичните моменти од своето постоење, наоѓајќи се на распаќето под Хамлетовото прашање: Да се биде или не? Според неа, одговорот на ова прашање го дава македонската дијаспора што живее во Австралија преку своите активности во промоција на македонскиот јазик и култура, особено дејноста на македонско литературно друштво „Григор Прличев – Сиднеј“.
– Еден голем број Македонци заминаа по корка леб, 20.000 километри далеку од дома. Но, наспроти сите егзистенцијални ангажмани, успеале да се здружат, да се обединат и да формираат литературно друштво со цел да се зачува и негува македонскиот јазик, како и македонска литература за Македонците во сопствената земја, во сопствените национални институции, универзитети и училишта, за единствен македонски јазик во домашна и меѓународна употреба, за кој не може и не смее да има пречка – вели проф. д-р Елка Јачева-Улчар.
Според неа, македонско литературно друштво „Григор Прличев – Сиднеј“ е доказ како со посветеност и упорност се успева. Јачева-Улчар исто така ја нагласува и соработката на македонската дијаспора од Австралија, Европа и САД за промоција и афирмирање на македонскиот јазик преку размена на книги и списанија, како и соработката и контактите со Македонците од пиринскиот дел на Македонија, а наедно и соработка со македонските институции, Државниот архив на Македонија, Друштвото на писателите на Македонија и слично.
– Во услови кога македонскиот јазик се негира од Бугарија и кога се намалува бројот на неговите говорители, македонското литературно друштво „Григор Прличев – Сиднеј“ и македонската дијаспора од Австралија се позитивен пример како треба да се негуваат и афирмираат македонскиот јазик и неговата литература – заклучува проф. д-р Улчар. Д.Ст.