Наполи на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас и Барселона третпат во претходните неколку сезони ќе играат меѓу себе, откако се сретнаа и во осминафиналето на ЛШ во 2020 година и во плејофот од нокаут-рундата на Лига Европа во 2022 година

ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА ОСМИНАФИНАЛЕТО НА ЛИГАта НА ШАМПИОНИТЕ

Ждрепката за осминафиналето на Лигата на шампионите одреди Наполи на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас да игра со Барселона, а ќе има уште една италијанско-шпанска двојка, Интер – Атлетико Мадрид. Актуелниот европски првак, Манчестер сити, ќе се сретне со Копенхаген.
Наполи и Барселона третпат во претходните неколку сезони ќе играат меѓу себе, откако се сретнаа и во осминафиналето на Лигата на шампионите во сезоната 2019/2020 и во плејофот од нокаут-рундата на Лига Европа за сезоната 2021/2022, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Дуелот ПСВ Ајндховен – Борусија Дортмунд е единствен во кој меѓу себе играат клубови што од осминафиналистите сезонава претходно биле европски прваци (ПСВ Ајндховен го освои трофејот во 1988 година, а Борусија Дортмунд во 1997 година). Другите двојки се Порто – Арсенал, ПСЖ – Сосиедад, Лацио – Баерн, Копенхаген – Манчестер сити и Лајпциг – Реал Мадрид.
Лајпциг и Реал Мадрид се сретнаа во групната фаза минатата сезона (двете екипи победија дома, Реал Мадрид со 2-0, а Лајпциг со 3-2). Манчестер сити победи со 5-0 на домашен терен против Копенхаген во групната фаза минатата сезона, а мечот во Данска заврши со реми 0-0. Двата клуба се сретнаа и во осминафиналето пред 15 години (вкупно 4-3 за Манчестер сити), пишува УЕФА.
Првите натпревари се закажани од 13 до 21 февруари, а реваншите се од 5 до 13 март 2024 година. Н.М.


ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ

Порто (Португалија) – Арсенал (Англија)
Наполи (Италија) – Барселона (Шпанија)
ПСЖ (Франција) – Сосиедад (Шпанија)
Интер (Италија) – Атлетико М. (Шпанија)
ПСВ Ајндховен (Холандија) – Борусија Д. (Гер.)
Лацио (Италија) – Баерн (Германија)
Копенхаген (Данска) – Манчестер с. (Англија)
Лајпциг (Германија) – Реал Мадрид (Шпанија)

првите натпревари се закажани од 13 до 21 февруари, а реваншите се од 5 до 13 март 2024 година