Епизодата од последниот самит на ЕУ, со излегувањето на унгарскиот премиер Орбан од состанокот на Советот на Унијата кога се одлучувало за почеток на преговори со Украина, создаде симпатична дилема – дали всушност започна „реформата“ на ЕУ во начинот на одлучување без консензус?

Заради постигнување консензус при одлучувањето во ЕУ, оправдано ќе биде отсутен оној што е против

Францускиот претседател Макрон, кога пред четири години го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ (и тоа по имплементацијата на Преспанскиот договор, за кој се уверуваше дека е „волшебниот клуч“ за македонското напредување во евроинтеграциите), како причина наведе дека „Унијата прво треба да се реформира пред да се проширува“. Еден од принципите на Унијата, кој е главниот тег со кој со децении ѝ се врзуваат нозете на Македонија на патот кон ЕУ, е консензусот во одлучувањето за проширување. Консензусот значи право на вето за секоја земја членка на Унијата за новите кандидати – привилегија што Грција, а сега и Бугарија со полна пареа ја користат за блокирање на Македонија. Притоа, со години самата ЕУ пред Македонија даваше изговор дека со консензусот ѝ се врзани рацете да донесе одлука за напредување на евроинтегративниот пат. Навистина, во бриселските дебати за потребите за реформирање на Унијата, односно начинот на нејзино функционирање, сѐ погласно се зборува дека меѓу приоритетните промени што треба да се спроведат е токму гласањето со консензус при носењето на одлуките.
Епизодата од последниот самит на ЕУ, со излегувањето на унгарскиот премиер Орбан од состанокот на Советот на Унијата кога се одлучувало за почеток на преговори со Украина, создаде извесна дилема – дали всушност започна „реформата“ на ЕУ во начинот на одлучување без консензус?
– Тоа што се случи во Брисел е настан без преседан. „Alea iacta est“ (Коцката е фрлена, н.з.), односно Рубикон е преминат. Порано барем се внимаваше да се испочитува формалноста, како во случајот со спорот помеѓу Словенија и Хрватска, но сега брутално се покажа моќта. Значи ли ова дека започнала реформата? Секако не, но преседанот е направен. Кога постои политичка волја, ЕУ е многу креативна да пронајде решение, да измисли пат каде што претходно го немало или да создаде преседан. Во нашиот случај, очигледно, по минатонеделниот самит на ЕУ е совршено јасно дека немало и нема таква политичка волја. Не само за нас туку и за целата западнобалканска шесторка – смета поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Еднаш направениот преседан, како покана за отворање преговори за Украина, и тоа без преговарачка рамка, легитимно ги наметнува дилемите дали таквиот начин може да се претвори во редовна практика. Дали примената на ваквата „ад хок реформа“ во функционалноста на ЕУ, може позитивно да се одрази на целиот процес на проширување, па и за Македонија, или е само уште еден преседан што ја потврдува непринципиелноста на Брисел?

– Што значи сето ова за иднината на проширувањето не можам да кажам, но се покажа дека актуелната влада ја нема поддршката на меѓународната заедница за реализација на стратегиските цели на Македонија. Цели 30 и кусур години можело да бидат замолени Грците, Бугарите или некој друг „да излезат на кафе“ за да продолжат македонските европски интеграции, но тоа не се случи. Одговорот на прашањето зошто е веројатно дека таму немало и нема интерес за продолжување на македонската европска интеграција – вели Ивица Боцевски.
Од друга страна, ваквиот преседан во носењето одлуки на ЕУ за да издејствува почеток на преговори за Украина, во македонскиот политички простор се толкува и како можност за контрааргумент на оние што настојуваат на спроведување на уставните измени, кои на Македонија ѝ се зададени како услов во преговарачката рамка, дека принципите и одлуките на Брисел, не се навистина толку цврсти и непроменливи.

– По овој самит на ЕУ се покажа дека можело ако некоја земја членка прави проблем при консензуалното одлучување да биде „испратена на кафе“. Ако е тоа почеток на реформите во ЕУ, тогаш веројатно може да се нарече кафе-реформа или кафе-дипломатија. Од наш македонски аспект, овој преседан што го направи ЕУ за Украина претставува аргумент дека и преговарачката рамка што ни ја понудија нам, со услов за спроведување на уставни измени, сепак не е непроменлива, како текст на Библија, како што велат оние што притискаат дека тоа е шанса за Македонија – „земи или остави“. Со вистински пристап и мудра кафе-дипломатија, Македонија во перспектива може и мора да издејствува праведна преговарачка рамка со ЕУ за себе – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.