Аитана Бонмати - Фото: ЕПА

На Игрите во Париз ќе играат, на пример, најдобрата фудбалерка во изборот на ФИФА, Бонмати, потоа Ренар, Поп, Мијазава, Хоран, Банда, Каиседо, Марта…, а на машкиот турнир светските прваци Алварез, Отаменди и Рули, како и Лаказет, Хакими, Перец…, пишува ФИФА

Потврдени се комплетните состави и во машка и во женска конкуренција за олимписките фудбалски турнири во Париз (Франција) кон крајот на овој месец, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Нема да има недостиг од ѕвезди на шампионатите со мноштво големи имиња што ќе играат на двата турнира во Франција.
Најдобрата фудбалерка во изборот на ФИФА, Аитана Бонмати, е меѓу главните актери заедно со суперѕвездите како Венди Ренар (Франција), Александра Поп (Германија), Хината Мијазава (Јапонија), Линдзи Хоран (САД) и Барбра Банда (Замбија).

Хулијан Алварез – Фото: ЕПА

Тинејџерската колумбиска сензација Линда Каиседо е подготвена за деби на Летни олимписки игри (ЛОИ), а легендата на Бразил, Марта, ќе го има својот шести настап по ред на Олимписки игри. Женскиот олимписки фудбалски турнир во Париз со 12 екипи може да се пофали со состав во кој се четири од петте репрезентации што ја освоиле светската титула, и тоа САД, Јапонија, Германија и актуелниот шампион Шпанија.
На машкиот турнир, победници на Светското првенство во 2022 година се појавуваат во списокот, вклучувајќи ги Хулијан Алварез, Николас Отаменди, Геронимо Рули, плус имиња како Александар Лаказет (Франција), Ашраф Хакими (Мароко) и Даниел Перец (Израел) меѓу добро познатите играчи, пишува ФИФА. Репрезентациите што учествуваат во машка конкуренција се ограничени на фудбалери до 23 години, но дозволени се најмногу тројца постари играчи.

На турнирот за фудбалери во Франција ќе настапат вкупно 16 репрезентации, а по две најдобри од секоја од четирите групи ќе се пласираат во четврт-финалето. На турнирот на фудбалерки ќе има 12 селекции, а меѓу осумте најдобри ќе се пласираат победниците на трите групи и две најдобри меѓу третопласираните.
Доминиканска Република, Украина, Узбекистан и Гвинеја ќе дебитираат на машкиот турнир, а светскиот шампион Шпанија е нова селекција во женска конкуренција, пишува ФИФА. Н.М.