Тренерот на Рома, Мурињо, има трофеи од два европски купа, а досега три различни пехари на УЕФА освоиле Трапатони и Латек. Феенорд, на европската титула и на двата трофеја во Купот на УЕФА (сега Лига Европа), може да го додаде и пехарот од Конференциската лига

ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА

Во финалето на новоформираната фудбалска Конференциската лига ќе играат Рома и Феенорд, на 25 мај во Тирана. Рома во полуфиналето го победи Лестер (1-1 и 1-0), а Феенорд славеше на дуелот со Марсеј (3-2 и 0-0). Во финалето, секако ќе биде остварен своевиден трофеен хет-трик во натпреварувањата на Европската фудбалска унија (УЕФА), а во трка за тоа се Феенорд и тренерот на Рома, Португалецот Жозе Мурињо.
Холандскиот Феенорд досега освои два пехара во натпреварувањата на УЕФА, и тоа европската титула во 1970 година, а потоа славеше и во Купот на УЕФА (сега Лига Европа), во 1974 и 2002 година, па пехарот од Конференциската лига би бил од трето натпреварување на УЕФА.
Мурињо во тренерската кариера освои две титули европски првак, во 2004 година со Порто и во 2010 година со Интер, а има и два триумфа во Лига Европа, во 2003 година (тогаш со име Куп на УЕФА) со Порто и во 2017 година со Манчестер јунајтед. Тој може да стане првиот тренер што ги освоил трите актуелни клупски натпреварувања на УЕФА. Претходно кога УЕФА имаше три клупски натпреварувања (до 1999 година), и тоа Купот на европските шампиони, сега Лига на шампионите (ЛШ), потоа Купот на победниците на куповите (КПК) и Куп на УЕФА, триумф во сите три како тренери имаа Италијанецот Џовани Трапатони (по една европска титула и трофеј во КПК и три во Купот на УЕФА, со Јувентус и со Интер) и Германецот Удо Латек (по еден трофеј, со Баерн, Барселона и со Борусија Менхенгладбах).
Рома, за која тоа би бил прв трофеј во куповите на УЕФА, досега има настап во две финалиња, во 1984 година во дебито во Купот на европските шампиони (сега ЛШ) и во 1991 година во тогашниот Куп на УЕФА.


ФИНАЛИСТИ ВО КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА

Феенорд

  • европски првак и светски првак во 1970 година
  • победник на Купот на УЕФА (сега ЛЕ) во 1974 и 2002 година

Рома

  • финале на КЕШ (сега ЛШ) во 1984 година
  • финале на Купот на УЕФА (сега ЛЕ) во 1991 година