Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не само финалниот натпревар туку и целото СП во Катар беше едно од најдобрите, ако не и најдобро досега, по она што го видовме на тактичко-технички, физички и на психолошки план. И порано реков дека е добро СП да се игра во ова време, оти повеќето од играчите беа во натпреварувачка форма и на крајот со право видовме одличен фудбал во Катар. Во финалето, пак, го имаше сето она што може да го даде фудбалот, голови, неизвесност, возбудување, пенали… Заслужено победи Аргентина, оти во поголемиот дел од натпреварот беше подобра, имаше поголема желба за успех, а на крајот овој триумф дојде и како еден вид сатисфакција за „животното“ дело на Меси, за сето она што го покажа досега во фудбалот, вели селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски

СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР СЕ ЗАОКРУЖИ СО СПЕКТАКУЛАРЕН МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА

Аргентина ја освои третата титула откако го победи досегашниот светски првак Франција, во финалето на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар, на пенали со 4-2. Мечот по 120 минути игра заврши нерешено, 3-3, а по 90 минути беше 2-2. Со веројатно едно од најдобрите финалиња на мундијалите се заокружи овој епски, незаборавен и невиден турнир, полн со голови, драма… Финалето беше и дуел помеѓу играчите ѕвезди на турнирот, Лионел Меси (два гола во финалето, добитник на наградата „златна топка“) и Килијан Мбапе (хет-трик во финалето, освојувач на „златната копачка“).
– Не само финалниот натпревар туку и целото СП во Катар беше едно од најдобрите, ако не и најдобро досега, по она што го видовме на тактичко-технички, физички и на психолошки план. И порано реков дека е добро да се игра светско првенство во ова време, оти повеќето од играчите беа во натпреварувачка форма и на крајот со право видовме одличен фудбал во Катар. Во финалето, пак, го имаше сето она што може да го даде фудбалот, голови, неизвесност, возбудување, пенали… Заслужено победи Аргентина, оти во поголемиот дел од натпреварот беше подобра, имаше поголема желба за успех, а на крајот овој триумф дојде и како еден вид сатисфакција за „животното“ дело на Меси, за сето она што го покажа досега во фудбалот. Пред СП сметав дека во финалето ќе бидат Франција, Аргентина или Бразил, но по она што го покажа Аргентина во групната фаза и понатаму, таа сосема заслужено и стана светски првак. Можеби многумина посакуваа во финалето да играат Португалија и Аргентина, поради дуелот Роналдо – Меси, но сметам дека иако Португалија спаѓа меѓу врвните три репрезентации во светот според индивидуалниот квалитет, сепак, не заслужи финале – вели селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски.
Поранешниот селектор на Македонија, Ѓоре Јовановски, вели дека беше одиграно најдоброто финале досега на едно СП, во кое буквално цел свет уживаше.

– Светски првенства гледам од 1966 година, од шампионатот во Англија, потоа во Мексико, Германија…, па до денес и, според мене, на ова СП во Катар беше убедливо најдоброто финале досега на едно СП, во кое буквално цел свет уживаше. Едноставно, во него имаше сѐ, голови, многу пресврти, индивидуални потези, висок ритам на игра, неизвесност… Финалниот натпревар беше само шлаг на тортата. Во вакви натпревари што би било одлучувачко? Па, доволно е една грешка за да се загуби, односно да се добие натпревар. Видовме од 2-0 за Аргентина до 2-2, па 3-2 во продолженијата и 3-3, потоа по една голема шанса во финишот на двете страни и на крајот пенали, кои, според мене, претставуваат лотарија. Буквално финалето го одлучуваа нијанси на две мошне квалитетни репрезентации. И Французите да победеа сигурно немаше да биде незаслужено. Уште пред почетокот прогнозирав дека Аргентина ќе биде светски првак. Некој можеби верува, некој можеби не, но имам впечаток дека 90 отсто од светот навиваше за Аргентина, токму поради Меси, кој со својот однос и придонес кон играта тоа и го заслужи. Кога пред СП би ме прашале кој би сакал да игра во финалето би посакал Аргентина и Португалија, оти и Меси и Кристијано Роналдо со својот успешен континуитет од 15 години, што не е мала работа, го заслужија тоа. Едноставно тие двајца се фудбалери со големо срце и се синоним како треба да се работи и да се однесува во фудбалот – вели Јовановски.
Кочо Димитровски, поранешниот фудбалер на Вардар, рече дека ова беше едно од најинтересните финалиња на светските првенства.

– Секако, ова беше едно од најинтересните финалиња на светските првенства иако и порано имало возбудливи натпревари за првото место. Навивав за Франција, но реков дека Аргентина ќе биде светски првак. Во Катар видовме убаво финале со шест гола, што значи се играше квалитетно, отворено, напаѓачки. Франција до 80-та минута не покажа многу, но на крајот ја имаше шансата за победа. Пеналите се веќе лотарија, оти никој тука не ти гарантира ништо. Решавачка беше подисциплинираната и поангажирана игра на Аргентина, како и поголемата желба за победа, на чело со маестралниот Меси, кој лесно може да помине двајца-тројца играчи и да им создаде шанса на соиграчите. Едноставно видовме убав и отворен фудбал со голови, во кој Аргентина заслужено победи – смета поранешниот фудбалер на Вардар, Кочо Димитровски. Г.И.;Г.М.


ГОЛЕМИ ТРИУМФИ ВО ПЕРИОД ОД 18 МЕСЕЦИ
Неверојатен хет-трик на Аргентина, но и на Меси и на Ди Марија

Фудбалската репрезентација на Аргентина освои три значајни трофеи само за 18 месеци. Светската титула освоена во неделата, на Светското првенство во Катар, е круна на серијата на успеси, почната со континенталната титула освоена на Копа Америка, во јули минатата година, со победата во финалето со домаќинот Бразил, со 1-0, а потоа во јуни годинава следуваше триумфот и во новововедениот натпревар, т.н. финалисима, меч помеѓу актуелните прваци на Европа и на Јужна Америка. Тој меч се одигра во Лондон, а Аргентина ја победи Италија со 3-0. На сите три средби стрелец беше Анхел Ди Марија, а Лионел Меси беше прогласен за најдобар фудбалер на секој од трите настани.


Јужна Америка – Европа 10-12 и 8-3

Јужна Америка го намали резултатот на 12-10 во трката со Европа во освоени светски фудбалски титули, со победата на Аргентина на Светското првенство во Катар, во финалето со Франција (3-3, на пенали 4-2). Истовремено, тој континент ја зголеми предноста во победи во финален меч во директен дуел на селекции од тие два континента на 8-3. На листата со светски прваци и понатаму води Бразил со пет титули, а потоа се Италија и Германија со по четири, Аргентина со три, Уругвај и Франција со по две и Англија и Шпанија со по една титула.

ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
Бразил 5
Италија 4
Германија 4
Аргентина 3
Уругвај 2
Франција 2
Англија 1
Шпанија 1