Деновиве излезе од печат првата сликовница наменета за деца со наслов „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска. Издавач на книгата е реномираната издавачка куќа „Арс ламина-публикации – Либи“од Скопје, уредник на изданието е истакнатата македонска писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска, а илустрациите се на Катерина Трајановска.
Според авторката Билјана Лотеска, ова е нејзина прва книга што има цел да го збогати светот на децата преку доживувањата на јунаците од шумата Зелен Рај. Тоа се бувот Бувко, мечката Меца, верверичката Верка, волкот Волчко, лисицата Лиска, ежот Ешко и зајакот Зајко Брзоноговски, чиј свет е пребогат од доживувања, така што Бувко решава да живее во нивната заедница. Сите тие носат чорапи со различна боја, зашто така ги изразуваат своите чувства, а кога ја открива нивната тајна, Бувко вели: „Колку интересно! Си покажувате кој како се чувствува со чорапи во разни бои! Чувствата можат да се покажат на различни начини, тоа знам, со зборови, со мимики и гестови, со израз на лицето, еве, сега сфаќам дека можеле да се искажат со бои! Сакам и јас жолти чорапи!“ А жолтата боја претставува сончева топлина – среќа, надеж и желба.
Книгата-сликовница во вториот дел нуди активности за малите големи читатели, брзозборки, гатанки, но и заеднички активности за деца и родители.
Авторката Билјана Лотеска веќе подготви три нови продолженија, со нови доживувања во шумата Зелен Рај, кои се надева дека во иднина ќе бидат објавени.


Жолтата е бојата на среќата!

– Добро утро на сите! – рече Бувко и ги закова своите очи за чорапите на животните.
– Што си толку зачуден, Бувко? Те мачи ли нешто? – го праша Меца.
– Не, не… само сакам да прашам зошто денеска сите носите жолти чорапи? Во што е тајната?
Сите почнаа да се смеат. Тогаш Лиска рече:
– Јас ќе ти објаснам… Ние во нашата шума се договоривме секој да носи чорапи според тоа како се чувствува. Вчера кога дојде ти, јас бев лута. Затоа носев црвени чорапи. Ешко беше тажен, па носеше сини, Волчко, пак, беше толку исплашен што беше обул кафеави чорапи. Меца носеше розови чорапи, затоа што тие покажуваат љубов, Верка зелени што покажуваат мир и спокојство, а Зајко Брзоноговски жолти – тоа е бојата на среќата. Денеска сите обувме жолти чорапи, зашто сме среќни оти добивме прекрасен сосед како тебе. Ти вчера на сите ни донесе по нешто и ни помогна. Еве, на Меца ѝ ѕиркаат и розовите чорапи, оти многу те сака, ама и таа, сепак, денеска врз нив обу жолти.
Животните во шумата беа среќни. Освен по бојата на чорапите, нивните чувства можеа да се препознаат и по насмеаните лица и светнатите очи!“
(Извадок од книгата „Жолти чорапи“)


За авторката

Билјана Лотеска е дипломиран психолог и дипломиран воспитувач за предучилишно образование и триесетина години е вработена во ЈУДГ„Детска радост“-Скопје како воспитувачка, а исто така е претседателка на здружението Академија за современи едукации „Про сциентиа“-Скопје.
Таа е авторка на проектот и изложба „Илустрации на книги за деца – поттик за читање и инспирација“ (1945-1975), поддржан од Министерството за култура на Македонија, во јуни 2022 г. Координаторка е на четири европски проекти: „Вреднување на играта“, „Ајде да славиме заедно“, „Дојдете, деца, природата ве чека“, „Создавање и учење со љубов“. Во рамките на унапредувањето на воспитно-образованата работа учествувала на две научно-стручни конференции БАПТА-балкански сојуз на воспитувачи, со свои излагања и теми, кои се објавени во зборниците од конференциите „Детето во светот на музиката“, која се одржа во Сараево (Босна и Херцеговина), со излагање на тема/проект „Музички потскокнувања“, и „Културата и уметноста во предучилишното воспитание и образование“, која се одржа на Копаоник (Србија), со излагање на тема/проект „Уметност со каменчиња“.
Авторка е на литературни творби за деца што се објавуваат во детски списанија.
Во 2012 година е прогласена за просветен работник на Општина Гази Баба, за унапредување на воспитно-образовната работа, во 2019 година за просветен работник на Град Скопје, за унапредување на воспитно-образовната работа, и во 2021 година е прогласена за просветен работник на Р Македонија, награда за унапредување на воспитно-образовната работа.
Лотеска добила награда и на конкурсот на Фондот на холокаустот, на тема „Раскажувам фотографија“, а нејзината песна „Дванаесет браќа“ е објавена во зборникот „Сонувалки“.